Зелката е градинарско растение кое се одгледува полесно во споредба со пиперките или доматите. Издржува пониски температури, но потребно е да се избере сончев терен.
Најчесто производителите без многу искуство го сеат расадот на помала површина, а потоа го пресадуваат расадот на постојаното место. Во зависност од сортата, зелката се сее во неколку термини:
-Кон крајот на февруари и почетокот на март;
-Во април и мај;
-Во јули и август.
Кога се сее на крајот февруари и почетокот на март, зелката се бере во текот на летото. За континуирана берба, кога сеидбата се врши истовремено, ќе бидат доволни три сорти со различна должина на вегетација. И семето од иста рана сорта може да се сее во интервали, односно на секои пет до десет дена. Ова ќе обезбеди сукцесивна берба, но ќе имаме повеќе работа. Засадувањето на постојаното место се врши на секои 10 дена. Младите растенија во текот на овој период ќе достигнат големина за пресадување.
Семето треба да биде квалитетно и подобро е да биде покрупно. Пред сеидбата се дезинфицира и се потопува за да се активира и да се забрза ртењето. Постојат различни начини за активирање. Најлесно е да го потопите во топла вода 15 до 20 минути. Температурата на водата не смее да надмине 50°C.
По потопувањето во топла, накратко се потопува во ладна вода за да се олади. Потоа се суши, па се сее.
Друг начин е да го оставите преку ноќ потопено во млак чај од камилица. Температурата на чајот треба да биде околу 20°С. Потоа се вади и се суши за полесно да се сее.
Пред да се пристапи кон оваа агротехничка операција, почвата треба да биде добро подготвена бидејќи семето е ситно и му одговара длабочина од еден сантиметар. Површинскиот слој на почвата треба да се иситни и да се израмни и да се направат плитки канали во кои се става семето, кои треба да бидат оддалечени околу 10 см едни од други.
Извор: agroklub.com
