Интересирањето на Бил Гејтс за земјоделско земјиште е мотивирано од неговата желба да се занимава со прашањето на климатските промени, како и да им помогне на сиромашните земји во кои луѓето гладуваат, пишува Њујорк пост.
Гејтс е најголем сопственик на земјоделско земјиште во САД, а според Ленд рипорт, тој поседува 242.000 хектари земјиште во 18 сојузни држави. Купувањето на земјиштето натерало многумина да се запрашаат кои се мотивите на Гејтс, со оглед на тоа што тој никогаш не зборувал за неговата љубов кон посевите и „пријатниот“ мирис на арското ѓубре.
Ленд рипорт пишува дека со царството на обработливо земјиште на Гејтс управува „Котонвуд АД менаџмент“, кој е член на „Лидинг харвест“, непрофитна организација која на земјоделците ширум светот им помага „да усвојат подобри практики за сите да можеме да создаваме поздрава иднина за генерациите што доаѓаат“, пренесува Спутник.
Извештаите претходно навестувале дека земјоделството, особено производството на говедско, придонесува за емисијата на јаглерод диоксид кој ја задржува топлината на Сонцето и последично доведува до климатски промени.
Гејтс претходно рекол дека без иновации светот не може да се справува со климатските промени, за кои многу научници велат дека ќе резултираат со екстремни температури, природни катастрофи и колапс на екосистемот.
Затоа Гејтс учествува во проектите за заштита на животната средина и вложува во различни компании. Една од нив е „Импосибл фудс“, која произведува замена за говедско.
Професорот по земјоделска економија Брус Шерик, кој е член на управата на „Лидинг харвест“ вели дека фармите не се само дел од проблемите со климатските промени, туку дека можат да станат и дел од решението.
Шерик е убеден дека Бил Гејтс ќе направи голема разлика ако успее да покаже дека земјоделието може да биде и профитабилно и одржливо.
