Турската компанија специјализирана за одгледување на микро зеленчук и овошје „Erüst Tarim“, се пробила на домашниот и европскиот пазар со таканаречената „мини лубеница“.
„Нивниот изглед лаже бидејќи всушност имаат вкус на краставица“, изјавил Бурак Акбулут, маркетинг-менаџер на споменатата компанија за hurriyetdailynews.
Во Анталија и соседната провинција Бурдур се одгледуваат во стакленици, а после едногодишно, експериментално производство, произведените плодови почнале да се продаваат преку интернет. Станува збор за мексиканска краставичка (Melothria scabra) која е со големина од само два до три сантиметри и тешка само пет грама.
Како што наведуваат од оваа фирма, со продажбата се задоволни, а цената за пакување од 100 до 150 грама изнесува од 15 до 20 турски лири. Овие плодови за кратко време ги собрале симпатиите на потрошувачите. Инаку, оваа компанија своите производи ги пакува на многу интересен начин, комбинирајќи повеќе видови мини овошја и зеленчук во еден сад, а може да се купат или да се нарачаат и посебно.

Акбулут смета дека малите плодови се интересни за купувачите бидејќи лесно се консумираат.
„Можете да ги јадете како сливи, една по друга“, вели тој.
„Вкусот им е како краставица, а можат да се користат во салата или да се јадат свежи. Исто така, некои луѓе ги закиселуваат, а готвачите најчесто им наоѓаат место во канапеата или во комбинација со друг мини зеленчук, како шери домати. “
Во оваа компанија нагласуваат дека при одгледување не користат пестициди и генетска модификација, но и дека одгледувањето не е едноставно.
Мини зеленчукот е сè попопуларен поради изгледот, вкусот и хранливата вредност. Инаку, се работи за вид на растение кое потекнува од Средна Америка и ги сака топлите места, но без проблем може да расте и во нашите краишта. Се одгледува како и останатите видови тиква, што значи со многу ѓубре и вода.
Иако во својата татковина расте како повеќегодишно растение, на нашето подрачје подобро е да се одгледува како едногодишно растение.
Извор: agroklub.rs
