Земјоделството е стопанска гранка која во последно време зема се поголем замав како во светот така и кај нас, а охрабрувачки е тоа што интересот и љубовта кон овој сектор се будат особено кај младите луѓе. Агротим, денес разговараше со младата Јоана Манојловска, претстедателка на Здружението за развој на земјоделството, заштита на животната средина и рурален развој – АГРОИДНИНА од Чучер Сандево. Инаку Јоана е студент на Факултетот за земјоделски науки и храна, во Скопје на насока фитомедицина. Со Јоана разговаравме за нејзините идеи, моменталните активности на здружението АГРОИДНИНА и плановите за во перспектива.
Агротим: Како дојдовте на идејата да го формирате Здружението АГРОИДНИНА?
Јоана Манојловска: До идејата дојдовме буквално спонтано. Покрај активностите што ги спроведувавме на нашиот факултет, организирањето настаните како што се: „Фестивал на органска храна“, „Денови на медот“, потоа давањето на техничка и логистичка поддршка на „Симпозиумот за земјоделство и храна“ во Охрид, Настанот организиран по повод 70 години ФЗНХ, „Денови на УКИМ“, спроведувањето на акциите „Не биди ѓубре“, „Акција за садење дрва и цвеќиња“, „Студентска смотра“, каде и учествувавме со наши трудови итн., како неформална група на проактивни студенти решивме да оформиме и здружение. Така го смисливме и името, млади луѓе, љубители на аграрот – АГРОИДНИНА.

Нашата визија е : Свет каде одржливото земјоделство ќе биде основа за просперитетна рурална средина и чиста животна средина. Нашата мисија е: Екологија во сите пори на општеството, вмрежување со земјоделци, фармери, бизнис секторот, донатори, организации и активисти со иста визија за да го забрзаме и продлабочиме позитивното влијание кое можеме да го направиме како партнери на глобалното патување кон промените.
Агротим: Колку членови брои Агроиднина и од кои студентски насоки се вашите членови?
Јоана Манојловска: Вкупно во здружението членуваме 25 активни членови, од насоките фитомедицина, квалитет на безбедност и храна, агроекономика, лозарство и винарство, еко-земјоделство, но, имаме и активни членови од Правен факултет, Машински факултет, Економски факултет, Филозофски факултет, наши студенти – магистри кои студираат во странство, наши професори, како и членови – производители на храна ширум Македонија. Наш активен член, исто така е ТВ водителот на емисијата „Џентлмен магазин“.
Агротим: Кои проекти досега сте ги реализирале?
Јоана Манојловска: Во соработка со Рурална Коалиција работевме на повеќе проекти: „Земјоделството и руралниот развој во услови на Covid19“, „Со медиумска писменост до подобрени локални младински политики“, „Родовата еднаквост- клуч за економски силна рурална заедница“, „Родовиот јаз и Covid19“.
Како членки на Рурална коалиција ги јакнеме и капацитетите низ низа обуки, менторски средби, учество во истражувања и превземање заеднички иницијативи. Во соработка со Центарот за управување со промени, работевме на проект во рамките на програмата ,,Подобра испорака на јавни услуги за граѓаните преку активна вклученост на Собранието’’.

Агротим: Со кого соработувате?
Јоана Манојловска:Моментално соработуваме со Коалицијата за клима и како здружение сме едни од основачите на Коалицијата, Мрежата за рурален развој на Македонија, Рурална Коалиција , Центар за управување со промени, ЕПЛ ТРИ Здружение за напредок, поддршка и одржлив развој на жени и Здружението на одгледувачи на градинарски култури БРАССИКА.

Агротим: Вашата идеја за продажба во најлон кеси беше одлично прифатена дали ќе продолжите да ја реализирате?
Јоана Манојловска: Се разбира дека ќе продолжиме, моментално сме во комуникација со повеќе производители на ниво на Македонија, го ажурираме концептот на продажба со нивна помош. Идејата е да се купи свежо од нива, и буквално се е според мотото ,,Од нива, на трпеза’’.
Заради ситуацијата со Covid 19, скавме да се избегнува гужвата по продавниците и маркетите, производите да не трпат механички оштетувања поради транспорт, да не се зголемува цената на производот поради дополнителна амбалажа и дополнителен транспорт, сè со цел на купувачите да им се обезбеди свежви безбеден производ.

Агротим: Дали имате поддршка од други земјоделски здруженија, деканот, професорите, медиуми?
Јоана Манојловска: Најголема поддршка имаме од нашите родители , роднини и пријатели, продеканката за настава на ФЗНХ, нашите професори од Катедрата за заштита на растенијата, Катедрата за поледелство и се разбира, здруженијата со кои соработуваме. Благодарни сме на Агротим.мк, кој е првиот медиум што ни даде поддршка и простор да се претставиме и да кажеме кои сме и што работиме.
Агротим: Дали планирате да ја проширите соработката со други здруженија кои имат слични идеи како Вашите?
Јоана Манојловска: АГРОИДНИНА секогаш е отворена за соработка со сите граѓани на Македонија и пошироко, вмрежување со земјоделци, фармери, бизнис секторот, донатори, организации и активисти со иста визија како нашата, тоа е свет каде одржливото земјоделство е основа за просперитетна рурална средина и чиста животна средина.

Агротим: Кои се вашите планови за во иднина?
Јоана Манојловска: Во наредниот период сакаме да се насочиме кон институционален и организациски развој на здружението. Ни треба обуки за стратегиски менаџмент, годишно планирање, финансиски менаџмент, сè уште немаме книговодител кој ќе ни го води правниот дел.
Ни треба и веб страна, за граѓаните да можат да ги следат нашите проекти и активности. Моментално имаме само фејсбук страна, https://www.facebook.com/agroidnina на која ги објавуваме нашите активности.
За крај ние би додале само: Засукајте ги ракавите, со силна волја и љубов, тргнете ги лошите мисли на страна, а упорноста и желбата се клуч на вашиот успех.
