Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) започна голема кампања за подигање на свеста со цел да помогне во запирањето на ширењето на африканската свинска треска (АСТ) во Југоисточна Европа.
Кампањата е насочена кон земји за кои ЕФСА смета дека колективно се вклучени во т.н. засегнат регион затоа што се наоѓаат во близина на земјите каде што е присутен АСТ. Така, на списокот се најдоа Албанија, Грција, Косово, Северна Македонија, Словенија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.
Значење на економските штети
Африканската свинска треска (АСТ) е вирусно заболување кое ги погодува домашните и дивите свињи. Вирусот е безопасен за луѓето, но предизвика значителни економски нарушувања во многу земји. Во моментов нема лекови или вакцини, така што за спречување на епидемијата може да биде потребна еутаназија на голем број од овие животни на фармите во погодените области.
“Целта на кампањата е да се подигне свеста и разбирањето за АСТ во сите девет земји. Таа е наменета за групи на луѓе и поединци кои доаѓаат во контакт со домашни и диви свињи, како што се одгледувачите и ловџиите“, побјаснуваат од Агенцијата.
Исто така, ќе се соработува со ветеринарни организации, ловечки здруженија, земјоделски групи, цариници, гранична полиција, локалните власти, тур-оператори и патници.
Откривање, превенција и пријавување
Бидејќи епидемијата на АСТ може да има многу разорни ефекти, откривањето, превенцијата и пријавувањето се клучни доколку се сака да се постигне контрола врз оваа болест.
“Ќе споделиме информативни табли, инфографици, објави на социјалните мрежи спремни за употреба и други материјали. Оваа иницијатива ќе ги надополни тековните напори на Европската комисија и другите меѓународни организации да работат на искоренување на болеста во Европа”, изјавија од ЕФСА.
Извор: Агроклуб
