Канадската компанија Bee Vectoring Technology (BVT) разви технологија за заштита на земјоделските култури како алтернатива за употребата на пестициди. Тоа е природен и еколошки фунгицид кој може да им помогне на земјоделците да се борат со габични заболувања кои влијаат на приносите, како што е на пример габата Botrytis cinerea што предизвикува сива мувла.
Пчелите го разнесуваат фунгицидот
Системот за заштита на растенијата работи на тој начин што, прав од заштитното средство се става во кошниците на пчелите, кои подоцна се лепат на тој прав и го разнесуваат на растенијата. Оваа технологија се развива повеќе од 10 години на Универзитетот Гуелф во Онтарио, а основната состојка на фунгицидот е габа од родот Колоностахис која се јавува природно во околината и им овозможува на производителите да произведуваат овошје и зеленчук со повисок квалитет.
Иновацијата неодамна доби одобрение од Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите Американски Држави (ЕПА), а оваа организација за прв пат одобри производ за заштита во кој се вклучени пчели.

„Заштитата е целосно природна, не се користи вода и е безбедна за пчелите, животните и луѓето“, изјави портпаролот на БВТ за foodnavigator. Тој исто така изјави дека неодамнешните демонстрации кај јагодите покажаа дека оваа технологија обезбедува споредлива, ако не и подобрена, заштита од хемиски заболувања, како и значително зголемување на приносот.
Ги зголемува приносите, а има влијание и врз квалитетот
Испитувањата направени кај насадите со боровинки покажаа 77% поголем принос во споредба со нетретираните растенија, а регистрирани се и 21% помалку напади од штетници „Стандардното покачување на приносот е околу 25 до 30%“, рече портпаролот.
На одгледувачите обично им се потребни околу три пчелни сандуци за еден хектар земјоделски насади. Исто така е потребна многу мала количина од заштитното средство за да се обезбеди заштита на поголеми насади.

BVT штотуку заврши експеримент со јагоди и малини кај еден од најголемите одгледувачи на органски овошја во Швајцарија. Симон Рас, ко-основач на „Рас Вилфберен“, компанија која ги снабдува супермаркетите во Швајцарија, рече дека таковиот систем за заштита им заштедува време и дава поквалитетно овошје. Тој додаде дека тоа е идеално решение за земјоделците кои сакаат да ги избегнат проблемите создадени од пестицидите.
“Многу е лесно да се примени, а за тоа не ни треба вода или машини. Прашокот во кошниците се става два пати неделно и тоа е тоа. Задоволни сме од резултатите затоа што не забележавме никаква инфекција со габата Botrytis cinerea. Рокот на траење е многу подобар и тоа е навистина важно за трговијата на мало “, вели Рас.
Може да се користи кај јагодите, малините и доматите
Тој процени дека овој систем му овозможил да произведува бобичесто овошје со оценка за добар квалитет од 90 до 95% што е подобро во однос на претходната година кога имало 70 до 80% . „Нема разлика во цената за купувачите, но за мене ова е подобар метод на заштита затоа што произведувам поздрави плодови и имам поголеми приноси“, рече тој.
Од компанијата велат дека оваа иновација во моментов е погодна при одгледувањето на јагоди, домати и малини. Во иднина, ќе може да се користи и за одгледување на други видови овошје и зеленчук. Компанијата има намера да се прошири во Европската унија насочувајќи се на пазарите во Италија, Грција, Франција, Германија, Полска и Унгарија.
„Европа е голема можност за БВТ затоа што одгледувачите таму брзо ги прифаќаат новите одржливи практики за намалување на употребата на пестициди и влијанието врз животната средина и ова е моќна алатка што може да им помогне да го сторат тоа“, заклучи директорот на БВТ Ашиш Малик.
Извор: Агроклуб
