Без уставни измени, нема следен чекор во преговорите со ЕУ. Северна Македонија ги продолжува техничките подготовки за членство, но Европската комисија констатира дека нема напредок кај клучниот политички услов: не бил направен обид за усвојување на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, информира ДВ.
Од друга страна, Комисијата забележува напредок во техничките подготовки. Усвоен е патоказот за реформата на јавната администрација, продолжила работата на патоказот за владеење на правото и на акцискиот план за правата на припадниците на заедниците, а во подготовка е и патоказот за функционирањето на демократските институции.
На прес-конференцијата по претставувањето на извештаите за сите земји кандидати, еврокомесарката за проширување Марта Кос уште еднаш ги повтори овие оценки, наведувајќи дека С. Македонија се уште „ја држи рачната кочница“ за почетокот на пристапните преговори.
Накусо, ова се клучните поенти од Извештајот за С. Македонија:
– Без уставните измени нема натамошно придвижување на преговорите со ЕУ;
– Нема напредок во борбата против корупцијата;
– Нема напредок ниту кај слободата на изразување и медиумските слободи;
– Техничките подготовки продолжуваат, со напредок во јавната администрација и дигитализацијата;
– Економијата расте, но остануваат структурни слабости и голема неформална економија.
Корупцијата останува сериозен проблем
Особено критична е оценката за борбата против корупцијата. Европската комисија констатира дека во оваа област нема напредок и дека корупцијата останува широко распространета и претставува прашање од сериозна загриженост.
Како проблем се посочуваат измените на Кривичниот законик, долгото траење на случаите на висока корупција и нивното често застарување. Според Комисијата, ваквата состојба придонесува за перцепција на неказнивост. Од земјата се бара подобар биланс на истраги, обвиненија и правосилни пресуди за висока корупција, како и поефикасна конфискација на нелегално стекнат имот.
Во судството е забележан одреден напредок, меѓу другото и со усвојувањето нови закони за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Сепак, независноста и финансиската автономија на судството и обвинителството и натаму се поткопуваат од политички влијанија и од сериозниот недостиг од човечки и финансиски ресурси.
Негативна е оценката и за слободата на изразување. Северна Македонија останува меѓу „одредено“ и „умерено“ ниво на подготвеност, но во текот на изминатата година не е регистриран напредок.
Комисијата предупредува на ограничената финансиска и административна независност на медиумскиот регулатор и јавниот радиодифузен сервис. Од властите се бара поголема транспарентност на медиумската сопственост и на распределбата на јавните пари за државно рекламирање, како и ефикасно постапување во случаите на закани и насилство врз новинари.
И кај демократските институции остануваат значителни слабости. Изборното законодавство сè уште не е усогласено со голем број препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, додека изборните дезинформации и странското информациско влијание не се доволно адресирани.
Парламентот може само делумно ефикасно да ги извршува своите функции, оценува Комисијата. Политичкиот консензус за законите за кои е потребно квалификувано мнозинство останува тешко достижен, а употребата на скратени законодавни постапки повторно е зголемена.
Напредок во дигитализацијата, слабости во администрацијата
Во реформата на јавната администрација Северна Македонија останува умерено подготвена, со одреден напредок, особено во проширувањето на електронските услуги. Но, и натаму има слабости во вработувањето, управувањето и професионализацијата на администрацијата. Комисијата особено забележува сериозни недостатоци во правилата за избор и разрешување на високите раководители.
Граѓанското општество генерално работи во поволна средина, но организациите се соочуваат со ограничено и несигурно финансирање. Забележани се и случаи на заплашување, онлајн-вознемирување и кампањи за дискредитација на граѓански активисти и бранители на човековите права.
Поумерена е оценката за економските состојби. Земјата има добро ниво на подготвеност за функционирање на пазарната економија, но во изминатиот период постигнала само ограничен напредок. Растот на БДП се забрзал, а банкарскиот сектор останал стабилен.
Сепак, Европската комисија предупредува на слабото управување со јавните инвестиции, големата неформална економија, иселувањето на квалификуваната работна сила, недостигот од соодветни вештини и големиот родов јаз на пазарот на трудот.
Меѓу областите во кои Комисијата регистрира подобри резултати се дигиталната трансформација, науката и истражувањето и надворешната и безбедносната политика. Северна Македонија и натаму е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и со европските позиции и рестриктивните мерки поврзани со руската агресија врз Украина.
Општата слика од извештајот, сепак, останува мешана: техничките подготовки за членство продолжуваат, но во некои од најважните области, како што се борбата против корупцијата, медиумските слободи и владеењето на правото, напредокот е ограничен или целосно отсуствува. А без уставните измени, констатира Комисијата, нема ниту политичко придвижување кон следната фаза од пристапните преговори.
Извор – Дојче веле

