Коловозите се претежно суви, со умерен интензитет на сообраќај надвор од градските средини. На граничните премини нема подолги задржувања, а возачите се повикуваат на внимателност поради градежни активности и можни одрони.
Сообраќајот на државните патишта во Македонија денеска се одвива непречено, по претежно суви коловози, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска, 28 октомври, се воведува времен режим на сообраќај на автопатот А2, на делницата Кичево – Охрид, во потегот од Пресека – Песочан до клучката Арбиново. Измената е поради градежни активности за санација на левиот коловоз и ќе биде во сила до завршувањето на работите.
Времен режим на сообраќај е во сила и на повеќе други патни правци поради градежни активности. На делницата Прилеп – Кавадарци, во потегот Беловодица – Тројаци, возилата се пропуштаат наизменично, додека работи се изведуваат и на патните правци Гостивар – Кичево и Струга – Дебар.
АМСМ предупредува на можност од појава на одрони на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите. Посебна внимателност се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Возачите се советуваат да ја приспособат брзината кон условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да внимаваат при движење низ делниците на кои се изведуваат градежни работи.

