Пиперки и грозје вратени од Бугарија и Црна Гора поради утврдени пестициди над дозволените граници, завршиле на домашен пазар. Пратката од Хрватска пак била уништена, информира Телма.
Ова го потврдија и од Агенцијата за храна на прашања на Телма. Изминатиот период излегоа известувања дека пратки наменети за пазари во држави во регионот, не стигнаа на планираните места. Во одговорот од АХВ стои дека во претходните три месеци вратени биле вкупно четири – три со пиперки и една пратка со црвено трпезно грозје.
Контролите таму утврдиле остатоци од пестициди, но кога стоката се вратила во земјава, биле направени проверки во домашните лаборатории кои покажале негативни резултати за присуство од пестицид, по што истите биле ослободени и пуштени во промет или на понатамошна преработка.
За првата пратка пиперки од Бугарија извршени се лабораториски анализи на примерок земен во лабораторија со акредитирани методи, при што се добиени негативни лабораториски резултати за присуство на резидуи од пестициди ,со што истата е ослободена за промет или понатамошна преработка, пишува во одговорот на Агенцијата за храна и ветеринарство
И втората пратка пиперки од Бугарија поминала низ нова анализа во земјава. Мострите се проверувале во две лаборатории – државната фитосанитарна и во лабораторија во Струмица. И на двете места не биле откриени остатоци од пестициди.
Слична постапка била применета и со 14 те тони црно трпезно грозје вратено од Црна Гора. И за овие количини анализите направени на домашен терен биле негативни, па АХВ одлучиле да го ослободат за промет или за понатамошна преработка.
Но, пратката со пиперка куртовска капија вратена од Хрватска била уништена
Пратката црвена пиперка вратена од Хрватска е нештетно уништена, додаваат од АХВ
Но, тука не завршуваат проблемите со пласманот на македонски производи на странски пазари. Во истиот овој период преку Европскиот систем за брзо предупредување за храна, АХВ добиле уште четири известувања од Хрватска за речиси 50 тони овошје и зеленчук од Македонија.
Станува збор за сливи и пиперки. Дел од овие пратки буле уништени во Хрватска, а дел задржани на граница и не биле пуштени во промет, но не е наведено што се случило со нив.
Извор – Телма
