Неделава пред нас како да ја најавува есента со активностите што ни следуваат. Почетокот ќе биде на 24 септември кога ќе се одржи регионалната конференција MicroBalkans, на која ќе се создаде една платформа што ќе ги поврзе микрофинансирањето, небанкарското кредитирање, FinTech-индустријата и финансискиот сектор. Овогодишното мото е Што треба да се промени во начинот на размислување за кредитирањето. MicroBalkans не е наменета само за финансиските компании. Најважно е на едно место да се сретнат регулаторите, банките, небанкарските институции, FinTech-компаниите и меѓународните финансиски организации.
Во петок, на 25 септември 2026 година, во Комората ќе се одржи исклучително важен состанок со градоначалниците на поголемите општини, на кој ќе се разменат искуства за функционирањето на локалната самоуправа и регионалните бизнис-организации, при што се поведе иницијатива за симетрично поставување на регионалните комори со осумте плански региони. На состанокот ќе биде претставена интегрираната дигитална платформа MyCivic, која обезбедува директна, видлива и мерлива врска меѓу граѓаните, градоначалникот, градската администрација и јавните претпријатија и која им нуди можност на општините за подобро организирање на своите ресурси, контрола на трошоците, координирање на работата на службите и за следење на квалитетот на испорачаните јавни услуги.
Подоцна истиот ден ќе се одржи и настанот Industry meetup на ДИГИТМАК, иницијатива насочена кон забрзување на дигиталната трансформација на македонските компании и кон развој на иновативен и конкурентен бизнис-сектор. ДИГИТМАК претставува платформа за поврзување на бизнис-секторот, академската заедница и јавниот сектор, со цел компаниите да добијат пристап до знаење, експертиза, технологии и поддршка за воведување дигитални решенија, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција. Настанот ќе биде можност за официјално претставување на европскиот дигитален иновациски хаб ДИГИТМАК, неговата визија и услугите што ќе им бидат достапни на компаниите, а ќе биде проследен со панел-дискусија за иднината на дигиталната трансформација во Северна Македонија и ќе претставува можност за компаниите и институциите да ги зајакнат своите потенцијали за дигитализација.
На 30 септември во Цетиње ќе се одржи состанок на министрите за економија на Западен Балкан. Министерскиот состанок ќе ги обедини министрите надлежни за економски прашања од земјите на Западен Балкан, како и претставниците на Европската комисија и на регионалните организации, создавајќи можност за дискусија околу клучните приоритети за регионална економска интеграција, спроведувањето заеднички регионален пазар, како и унапредувањето на реформската агенда во рамките на Берлинскиот процес. Потоа на 1 октомври следува настанот Бизнис-платформа ЕУ–Западен Балкан 6, кој ќе се одржи во Будва. Целта на настанот е да се овозможи дискусија меѓу деловната заедница, носителите на одлуки од ЕУ и креаторите на политиките од Западен Балкан за да се идентификуваат проблемите и неискористените можности во деловното опкружување во регионот, но и за да се придонесе за посилна економска интеграција на Западен Балкан во Европската Унија. Средбите ќе се фокусираат на повеќе однапред утврдени теми кои ќе бидат предмет на дискусија, со цел изнаоѓање регулаторни и политички решенија што можат да придонесат за надминување на идентификуваните предизвици и за искористување на постојните можности. Платформата за бизнис-дијалог ЕУ–WB6 ги обединува претставниците на деловните заедници (Бизнис-советот на WB6) и носителите на одлуки од Западен Балкан и од Европската Унија. Главната цел на платформата е да го олесни дијалогот меѓу креаторите на политиките на ЕУ и деловната заедница од WB6 за тоа како може да се искористи перспективата за пристапување кон Европската Унија, заради создавање повеќе можности за трговија, инвестиции и други форми на деловна соработка меѓу двете страни. Посебно внимание ќе му биде посветено на степенот до кој предвидените реформи и мерки придонеле за подобрување на пристапот до пазарите, за намалување на пречките за водење бизнис и за зајакнување на економската интеграција на регионот со Европската Унија.
Стопанска комора
