Работна средба на членовите на Кризниот штаб на општина Неготино се одржа денеска, беше констатирано дека состојбата со пожарите на територија на општината е стабилна и во интерес на заштита на општите добра, ќе се преземат мерки и активности така и да остане, информираа од локалната самоуправа.
– На состанокот беше нотирана потребата од внимателност и будно и континуирано следење на состојбите на терен од страна на сите релевантни установи. На состанокот присуствуваа претставници на МВР, ДЗС, ЦУК, ТППЕ – Неготино, кои разговараа за неопходноста од преземање мерки за намалување на опасностите од настанување на шумски и други пожари на отворен простор. Имајќи предвид дека високите температури се сè уште присутни, се предложи преземање засилени мерки и активности за превенција за заштита на шумите, пасиштата, голините и други отворени простори – додадоа од локалната самоуправа.
Кризниот штаб апелира да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, пасишта и други површини, да не се фрлаат стаклени шишиња и друга амбалажа, да не се фрлаат отпушоци.
– Со преземање на сите овие мерки и активности, Кризниот штаб очекува сите граѓани на нашата општина да ги исполнат своите граѓански должности и со тоа да дадат сопствен придонес во заштитата на шумите и други простори од пожари ова лето – истакнаа од Општината.
МИА
