Второто авионско прскање против возрасната форма на комарци на подрачјето на општина Куманово ќе биде спроведено утре, (5 август) со почеток во 5 часот, информираа денеска од општината. Третманот ќе се изврши на површина од 1.270 хектари, а ќе бидат опфатени теченијата на реките Кумановка, Липковка и Којнарка, месните заедници Бабин Дол, Гоце Делчев и Тоде Мендол, централното градско подрачје, како и просторот околу пречистителната станица на ЈП „Водовод“ во селото Добрашане.
-При третманот ќе се користи препаратот „Aqua Perm-X 30-30“- наведуваат од општината.
Од таму апелираат пчеларите навреме да преземат соодветни мерки за заштита на пчелните семејства. Доколку временските услови бидат неповолни, авионското прскање ќе се реализира првиот нареден ден кога ќе има услови за негово безбедно спроведување.
За услугите за дезинсекција, дератизација и третмани против крлежи, лебарки, комарци и глодари, кои се спроведуваат неколку пати во текот на годината, Општина Куманово годинава од општинскиот буџет издвои 1.112.400,16 денари. Дополнително, преку посебен тендер за авионска дезинсекција е ангажирана компанија, за што се обезбедени уште 1.569.376,40 денари.
МИА
