Процесот на формирање и наливање на зрното, млечна зрелост, восочна зрелост па се до целосна зрелост на зрното потребен е период кој трае околу 50–60 дена, а временските услови во овој период имаат големо влијание врз бројот и квалитетот на зрната на класот. Во првите две недели зрната почнуваат интензивно да акумулираат хранливи материи, особено шеќери, кои постепено се претвораат во скроб. Во оваа фаза зрното има млечнобела содржина и се наоѓа во т.н. млечна зрелост.
Околу еден месец по оплодувањето, содржината на зрното станува погуста и постепено преминува кон мека, а потоа и кон цврста конзистенција. Во овој период се појавува млечната линија, која јасно ја разделува стврднатиот дел од сè уште мекото ткиво на зрното. Со текот на времето оваа линија се движи кон основата на зрното и претставува добар показател за степенот на зрелост и содржината на влага.
Кога млечната линија се наоѓа веднаш под врвот на зрното, содржината на влага е приближно околу 55 %. Кога ќе достигне до средината на зрното, влагата најчесто изнесува околу 45 %, а кога ќе се спушти кон основата, таа се намалува на околу 35 % или помалку. Следењето на оваа појава овозможува на производителите полесно да го одредат најсоодветниот момент за жетва, во зависност од намената на производството.
За правилно зреење и квалитетно наливање на зрното, пожелно е во периодот од физиолошка до технолошка зрелост да преовладува умерено суво време. Таквите услови овозможуваат постепено намалување на влагата во зрното, што придонесува за подобар квалитет, полесна жетва и намалени трошоци за сушење. Оптималната влажност за складирање на зрното е околу 14 %, бидејќи обезбедува сигурно и долготрајно чување без ризик од влошување на квалитетот.
Извор: Агрометео
