Водата од градскиот водовод во Гостивар може да се користи и за миење чинии, прибор за јадење, чаши и останати кујнски садови, појаснија надлежните во одговор на новинарско прашање „За што точно може да се користи водата во Гостивар откако е одобрена за техничка употреба“. Забраната за пиење и подготовка на храна останува.
Надлежните уверуваат дека водата е прочистена од фекалии.
Експертот од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Емилија Антовска информираше дека во изминатите денови екипи секојдневно земале примероци од шест локации низ градот, директно кај крајни потрошувачи.
„Бевме на терен секојдневно, екипите земаа примероци од шест локации во градот од краен потрошувач. Кај сите три дена последователно има отсуство на колиформни бактерии, а со оглед дека е вршено хлорирање со поголема концентрација од вообичаената, не се констатирани ниту трихалометани. Резултатите се доставени до Кризниот штаб и Агенцијата за храна и ветеринарство“, изјави Антовска.
Според неа, токму овие резултати потврдуваат дека водата може да се користи како техничка, односно за лична хигиена, бањање, миење садови и други санитарни потреби.
„Водата може да се користи како техничка, но за пиење и за подготовка на храна сѐ уште не. Во следните денови ќе го зголемиме бројот на мерни места, а со континуиран мониторинг ќе може да потврдиме кога ќе биде безбедна и за пиење. Не можам да прејудицирам кога ќе може да се пие, но секојдневно сме на терен и во соработка со јавното претпријатие во Гостивар вршиме мерења. За резултатите јавноста ќе биде редовно известувана“, додаде Антовска.
Во изминатиот период, поради забраната за користење на водата, угостителските објекти во Гостивар работеа со пластични чаши, прибор за јадење и садови за еднократна употреба, како дополнителна мерка за заштита на гостите.
