Март е месец на надежта, бидејќи пролетта е зад аголот. Март е месец на првите градинарски работи. Добрата подготовка е исто толку важна како и сеењето, бербата… Еве што треба да направите во март ако имате градина или двор:
- Купете го семето кое ви е потребно за градината, дворот, жардиниерите. Најголем дел од цвеќињата што никнуваат од семе се сеат во првата половина на март.
- Ако веќе не сте го направиле тоа во февруари, март е месецот кога семето за домати, пиперки, цвеќе, се сее во чаши за садници и се чуваат внатре во куќата.
- Ископајте ги леите во градината, отстранете го плевелот, израмнете ја земјата и оставете ја да „се размрзне“ од мартовскиот мраз.
- Искројте ги розите, ископајте ја земјата околу нив, наѓубрете ги и посипете ги со мулч.
- Посипете ја градината со ѓубриво (по можност органско, но и вештачкото ѓубриво не е лоша идеја).
- Ако имате засадено аспарагус во градината, сега е време да ги соберете паднатите лисја и да ја отстраните тревата со рацете. Наѓубрете го аспарагусот и добро наводнете го.
- Засадете нови овошни садници, при тоа внимавајќи да не бидат густо засадени.
- Овошјето искројте го пред раздвижување на вегетацијата, прскајте со бакарни препарати и минерално масло.
- Сега е добро време да започнете со правење компост. Компостирањето е совршен начин за рециклирање на вашиот растителен отпад, како и одредено ѓубре од куќата. За возврат го добивате идеалното ѓубриво.
