Кога се распрашувате наоколу, се чини дека секој има своја добитна формула за грижа за орхидејата. Она што најчесто ќе го слушнете е да ја полевате повремено, и тоа од дното, потоа да биде изложена на сонце, но не директно, и секогаш да ја чувате на истото место во домот. Орхидејата е навистина принцеза меѓу цвеќињата и бара поголемо внимание од другите растенија. Со текот на времето, сигурно ќе научите што и одговара на вашата орхидеја, а засега, еве неколку основни работи што треба да ги знаете.

Садење и пресадување на орхидеја
Пожелно е орхидејата да се засади во керамичка саксија што ја апсорбира влагата, но не ја задржува долго.
При садењето треба да се додаде подлога што не задржува премногу влага. Подлогата може да се состои од кора од елка или бор, мов, тресет, перлит, камен песок, букови лисја, а можат да се додадат глинени топчиња. Орхидеите што ги купувате во цвеќарниците и во други продавници обично веќе ја имаат таа подлога.
Што се однесува до пресадување на орхидејата, таа ќе ви даде до знаење кога е време за тоа. Своите корени ќе ги пушти кон површината, така што лесно ќе ги видите во супстратот. Ова обично се случува на секои две до три години.

Светлина
Вашата орхидеја нема да процвета ако нема доволно светлина. Меѓутоа, приказната со светлината не завршува тука. Како и со пресадувањето, орхидејата ќе ви покаже колку светлина и е доволно, користејќи ги нејзините лисја и цветовите. Ако листовите се светло зелени, цврсти и исправени, тогаш количината на светлина и одговара. Ако цветовите се избледени, тоа значи дека премногу сте ја изложиле на светлина. Ако листовите се потемни, тоа значи дека сте ја ставиле на место со премалку светлина.

Воздух
Добриот проток на воздух во просторијата е важен за да ја одржите вашата орхидеја здрава. Ако воздухот во просторијата е застоен, нејзиниот корен ќе остане влажен.

Наводнување
Наводнувањето е всушност најкомплицираниот дел кога станува збор за грижа за орхидејата. Орхидеите се исклучително чувствителни на премногу вода, па затоа е важно да бидете умерени и да ја погодите количината. Премногу влага ќе предизвика гниење на коренот. Важно е да се знае дека орхидејата добива вода на два начина. Првиот е од воздухот, односно преку листовите и корените што се наоѓаат на површината, а вториот е од подземните корени.
Обично се става вода на секои седум дена.
Ако ја чувате во пластична или керамичка саксија, тогаш наполнете со вода еден поголем сад и потопете ја целата саксија. Оставете ја во вода неколку минути, а потоа извадете ја и оставете вишокот вода да се исцеди.

Орхидејата сака малку киселкаста вода, па можете да ја полевате со дождовна вода на која сте додале две капки лимон.
На почетокот треба да бидете трпеливи со орхидејата и да ги набљудувате промените што се случуваат на неа за полесно да заклучите што и одговара. Откако ќе забележите дека сè е во ред, оставете ја на тоа место и продолжете со рутинска грижа за неа.
