Понекогаш, иако не многу често, маторицата може да покаже агресивност кон прасињата после прасењето, што може да резултира со нивна повреда, па дури и смрт.
Како што ни објаснуваат од Ветеринарната клиника „Јешут“, постојат две причини што можат да доведат до оваа појава. Прво, ако станува збор за маторица која првпат се опрасува, самото опрасување за неа е голем стрес. Веројатно сѐ уште сѐ ја боли, не разбира што се случило, вознемирена е, прасињата ѝ се непознати, ја плашат.
Другата причина доаѓа од самите сопственици.
„Ако се однесуваат кон неа агресивно, ако ја тепаат, таа исто така ќе постапува со прасињата бидејќи тие се помали и послаби од неа“, истакнуваат од „Јешут“.
Одделете ги прасињата и повикајте ветеринар
Појавата на агресија е неочекувана за секој одгледувач, особено ако со неа се сретнал за прв пат.
За почеток, најдобро е да ги одделите прасињата додека маторицата не се смири, да ја оставите изолирана и повремено да ги пуштате прасињата кај неа за да се навикне на нив и да цицаат.
Ако продолжи со агресивноста, треба да се повика стручно лице.
„Порано можеше да се користи анестетик кој ја смируваше, ја успиваше, а по неколку часа кога ќе се освестеше, ќе беше сѐ во ред“, објаснуваат од ветеринарната клиника и додаваат дека тој анестетик сега е забранет, како и доста други лекови за животни што секако ја отежнува ситуацијата.
Како решение, некои ветеринари советуваат да се даде окситоцин за полесно лачење на млекото за да се намали нервозата кај маторицата.
Нормабел, ракија, масло… луди методи
Методите како што е натопување парчиња леб во ракија, кои потоа им се даваат на маториците, мачкање на ушите со алкохол или други непроверени кои може некој да ви ги препорачал, ветеринарите ги сметаат за луди и предупредуваат дека не се научно докажани и треба да се избегнуваат.
Исто така, многу одгледувачи препорачуваат употреба на лекови за смирување што ги користат луѓето како што е Нормабел, но никаде не е испитано како тие влијаат врз животните и какви последици може да имаат, па затоа овој начин на смирување никако не треба да се користи.
За почеток, најдобро е да ги одделите прасињата додека маторицата не се смири. Изолирајте ја и преградете го просторот за да не дојдат до неа, советува ветеринарот.
Извор: agroklub.com
