Земјоделците алармираат што побргу да се објави заштитната цена и стравуваат дека во силосите сè уште не е потрошена ланската пченица
Пчницата, јачменот и оризот се сметаат за стартегиски производи во Македонија. Тие влегуваат и во стоковните резерви. За нив, производната цена ја објавува Министерството за земјоделство. Земјоделците се во очекување на цените на пченицата и на јачменот. Жетвата почна, а според нив, тоа што се разговара е далеку од нивните очекувања.
– Како стратегиски производи, пченицата, јачменот и оризот имаат поинаков третман и тој се регулира во Законот за земјоделство, во Законот за стоковни резерви, во правилници. Министерството за земјоделство распишува тендер на кој учествуваат високообразовни институции. Така, Земјоделскиот институт, или Факултетот, ја пресметуваат производствената цена. Заштитната цена што важи за земјоделците е производствената плус 25 проценти. Ако се продаде над оваа цена, или по неа, Владата нема никаква обврска кон нас. Но, ако не – има сет на мерки што ѝ се на располагање, како додатоци до таа цена, откуп за стоковни резерви, финансиска поддршка за складирање – објаснува за „Слободен печат“, Ѓорѓи Каракашев од Национална мрежа на земјоделци.
Националната мрежа направи своја пресметка на цената. Оттаму посочија дека поради огромниот скок на цените на вештачкото ѓубриво и на горивата – за 50 проценти во однос на лани, производната цена на пченицата е зголемена за 2 до 3 денари по килограм и се движи од 17 до 20 денари.
„При низок просечен принос од 3.500 килограми по хектар, производната цена изнесуваше 17,14 денари. Со новите поскапувања, таа надминува 20 денари за килограм.
При принос од 4.000 килограми по хектар, производствената цена изнесуваше 15 денари, а сега реално изнесува околу 17 до 18 денари за килограм.
Јавно ги повикуваме надлежните институции итно да излезат во јавноста и со сопствени аргументи да ги потврдат или да ги демантираат овие пресметки.
Во спротивно, ќе сметаме дека од надлежните институции тенденциозно и манипулативно се злоупотребуваат законските прописи, директно на штета на македонските земјоделски производители и нивниот тежок труд“, објави Националната мрежа на социјалните мрежи.
„Слободен печат“ пред една недела испрати прашања до Министерството за земјоделство, но оттаму молк.
Земјоделците од сите краишта сè погласно прашуваат за цената. Тие се загрижени и за самиот откуп. Претседателот на „Фармери Југозапад“ Миле Кебакоски вели дека нашето жито е несомелено и дека стравуваат оти млиновите нема да го откупуваат.
– Во многу млинови има пченица од ланската реколта. Главен проблем е увозот на брашно од Србија. Јас не велам да не се увезува, но нека има времена забрана за увоз, да се истроши нашата пченица и брашно, па потоа нека се увезува. И така, ние немаме доволно количини за да ги задоволиме потребите – изјави Кебакоски за емисијата „Бразди“ на Канал 5.
Земјоделецот Сашо Гаврилов за ТВ Стар вели дека овогодишните приноси на пченица и јачмен се намалени за30 до 40 проценти.
– Пченицата во Овчеполскиот Регион ја зафати болест. Во однос на јачменот пред еден месец имаше многу ниски температури – појасни Гаврилов.
Според анализата на Ројтерс, иако се очекува силен Ел Нињо, кој обично предизвикува суши и проблеми во производството на храна, светот влегува во тој период со многу високи залихи на жито. Затоа засега не се очекува драматичен скок на цените. Светските почетни залихи на пченица се проценуваат на околу 280 милиони тони, што е највисоко ниво во последните пет години. Светските резерви на ориз достигнале историски рекорд од над 196 милиони тони.
Извор: slobodenpecat
