Од почетокот на минатиот месец до средината на февруари, заврши јагнењето на стадата овци што ги поседуваат сточарите во Кичевско. Сопствениците на матични стада се задоволни што јагнењето поминало во најдобар ред и останале уште минимален број на овци кои допрва ќе се објагнат, а сѐ е поголем е бројот на овци кои објагниле повеќе од едно јагне, поточно две или три.
-Од почетокот на оваа календарска година започна јагнењето на овците во нашиот регион. Можеме да бидеме повеќе од задоволни што јагнењето помина во најдобар ред и безмалку сите овци на свет донесоа едно или две јагниња, а во неколку наврати имавме и по три – вели за МИА Мефаил Ајрадини, сопственик на матично стадо овци од Кичевско.
Тој потсети дека со завршувањето на оваа фаза наредниот месец се очекува да започне откупот на годинешното јагне.
-Бидејќи дел од овците се објагнија на почетокот на јануари, нивните јагниња достигнаа тежина од 10 до 15 килограми жива мера и до периодот кога ќе започне откупот на годинешното јагне овие јагниња ќе имаат повеќе од 20 килограми. Земјите во кои најчесто се пласира македонското јагне се Италија и Хрватска, кои и годинава ќе преземат најголеми количества од нашите јагниња – рече Ајрадини и наведе дека откупувачите од овие земји веќе ја посетиле земјава и ги откупиле првите количества.
Посочи дека откупувачи од овие земји неодамна ја посетиле нашата земја и го извршиле и првиот откуп на годинешно јагне, што изнесува околу 10 проценти од вкупниот број.
– За почеток цената беше исклучително погодна и се движеше од 180 до 190 денари, но веќе имаме информации дека за откупот во наредните седмици цената ќе биде многу пониска. Ние сточарите би биле задоволни со цена од 150 до 160 денари и не би сакале да веруваме дека ќе се случи ланското сценарио кога цената за откуп на јагнето изнесуваше 120 до 130 денари – додаде Ајрадини.
Наведе дека се уште имаат храна од ланската година која во најголем дел ја набавиле по стари цени и стравуваат дека во наредниот период како што се подигаат цените на сите артикли така ќе поскапе и храната за овците што ќе им ја отежне работата и опстанокот.
