Од поддршка на земјоделците до заштита на животната средина, земјоделската политика на ЕУ покрива низа области. Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) е една од најважните оперативни области со кои се занимава Европската Унија. Таа не е креирана само за земјоделците туку и за сите жители на ЕУ. Целта на оваа политика е да обезбеди прифатливи цени и квалитет на прехранбено-земјоделски производи за европските потрошувачи и соодветен приход за земјоделците, како и да го зачувува руралното наследство.
Што претставува Заедничката земјоделска политика?
ЕУ го поддржува земјоделството во рамките на Заедничката земјоделска политика ЗЗП (Common agricultural policy CAP). Објавена во 1962 година, таа претрпе низа реформи за да обезбеди поправедно и поодржливо земјоделство за земјоделците.
Во ЕУ има околу 10 милиони фарми, а земјоделскиот и прехранбениот сектор заедно обезбедуваат речиси 40 милиони работни места во ЕУ.
Заедничката земјоделска политика е насочена кон подобрување на продуктивноста, промовирање на руралниот развој и решавање на еколошките и климатските предизвици, како и обезбедување праведни приходи за земјоделците.
Тие цели се постигнуваат преку:
-Поддршка на приходите во форма на директни плаќања за да се обезбеди стабилност на приходите на земјоделците
-Плаќања за еколошки прифатливо земјоделство и грижа за руралните средини
-Пазарните мерки за помош во решавањето на пазарните кризи и стимулирање на побарувачката
-Мерки за рурален развој наменети за посебни предизвици во руралните средини
Како се финансира Заедничката земјоделска политика?
ЗЗП се финансира од буџетот на ЕУ. Во долгорочниот буџет за периодот од 2021 до 2027 година за земјоделството се издвоени 386,6 милијарди евра. Средствата се поделени на два дела:
-291,1 милијарди евра за Европскиот земјоделски гарантен фонд (EAGF), кој обезбедува поддршка за приходите на земјоделците
-95,5 милијарди евра за Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAFRD), кој вклучува финансирање за руралните области, климатската политика и управувањето со природните ресурси
