
Иако во Република Северна Македонија, зборуваме за традиција во задругарството скоро 180 години, сеуште не можеме да зборуваме за големи достигнувања за вклучувањето на земјоделските производители во модел на работење како Земјоделско здружување. Додека во Европа секој 5 ти земјоделец е член на некоја задруга, каде процентот на број на вработени во задругите е 3 во Франција па дури до 10 % во Турција, кај нас тој процент е многу помал.
Во овој свет на глобален развој и современ начин на делување каде единствена цел е профитот, сепак задругарството ја наоѓа својата можност како придвижувач на развојот на стопанствата. За задругите сеуште преовладува тезата дека се социјалистички модел но се поголемото внимание во разни сектори укажува на други состојби.
Но како и насекаде во светот, без оглед на тоа колку кај нас е скромно, сепак покажува цврстина во надминување на кризите, стопански и социјални. Се формираат задруги каде производителите го препознале моделот на социјално претприемништво и кога виделе дека потешко им е сами да работат. Во Земјоделските задруги секој член може да добие можност бидејќи овде сите членови имаат рамноправно учество, што претставуа најхумана форма на дејствување, често поважно од капиталот.

Може да се каже дека задругите претставуваат механизам на целокупниот економски раст и развој на семејните стопанства на разни начини. Тие на малите земјодeци им овозможуваат излез на нови пазари, раст на производството, подобрување на профитабилноста и квалитет на производите, секако со отворање на нови работни места. Со здружување во задруги и ефикасно заедничко делување на нејзините членови успешно може да се подобри побарувачката на производи и услугите на задругарите што понатаму придонесува за пораст на стопанствата. Исто така поврзувањето на членовите влијае и на подобрување на конкурентноста со што се создава можност за излез на нови меѓународни пазари. Недостатокот на финансиски средства и слабиот пристап до кредити ја наметнува потребата земјоделците да можат да ги заштитат своите економски интереси преку организирање во компании кои ќе овозможат заеднички да ги решаваат проблемите за кои не се доволно силни самите да ги решаваат.
Кај нас Земјоделска задруга може да основаат најмалку десет земјоделски стопанства евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства а се оди по следниов редослед:
1. Собирање на информации, појаснување на потребите за основање на задруга, создавање на група на потенцијални членови.
2. Собир на потенцијални членови, разговори за потребите од основање на задруга, избор на работна група која ќе го води процесот на основање.
3. Изготвување на идеен бизнис план за оценување на економската оправданост за основање на задруга, споделување на податоците со потенцијалните членови, придобивање на членовите.
4. Развој на договор за членство во кој ќе се опишат обврските и правата на членовите. Овој договор ќе биде дел од Статутот на задругата во кој ќе бидат регулирани и други делови од управувањето.
5. Подготовка на детален бизнис план.
6. Подготвување на прелиминарен Статут на задругата со сите права, обврски и финансиски влогови на членовите.
7. Одржување на основачко собрание, избор на раководни тела (управен одбор, надзорен одбор) и подготовка на документација за регистрација.
8. Избор на директор – менаџер на задругата, подготовка за започнување со работа на задругата.
9. Следење на активности од имплементација на бизнис планот.
Обврска за регистрација
– Земјоделската задруга е должна во рок од 30 дена од денот на основањето да се регистрира во Регистерот со поднесување на барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Земјоделската задруга е должна секоја промена на податоците што се впишуваат во Регистарот да ја пријави во рок од 30 дена од денот на настанувањето на промената.
– Ако земјоделската задруга ги исполнува условите од член 7 од овој закон, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесува решение за упис во Регистарот во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за упис во Регистарот.
– Регистрацијата на земјоделската задруга се врши врз основа на следните докази:
– Решение од централен регистар за упис на правното лице,
– Решение за запишување на земјоделското стопанство во единствениот регистар на земјоделски стопанства и
– Статут на земјоделската задруга.
– Овластеното службено лице во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кој ја води постапката за упис во регистарот е должно доказите од ставот (4) на овој член да ги прибави во рок од три дена од денот на приемот на барањето од надлежниот јавен орган.
– Овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите од ставот (5) на овој член е должно да ги достави бараните докази во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

Финансиска поддршка за функционирање на земјоделски задруги
– Земјоделските задруги од мал обем може да добијат дополнителни директни плаќања за тековната година до 7,5% за производството кое го имаат произведено и продадено преку задругата.
– Земјоделските задруги од голем обем може да добијат дополнителни директни плаќања за тековната година до 15%, за производството кое го имаат произведено и продадено преку задругата.
– Земјоделските задруги може да добијат поддршка за наводнување, во вид на надоместок на дел од трошоците за наводнување, за производствените капацитети во и на задругата, и тоа, во висина која нема да надминува 20% од трошокот за наводнување за задругите од мал обем и 30% за задругите од голем обем, но не повеќе од 400.000 денари, на годишно ниво.
– Земјоделските задруги може да добијат финансиска поддршка за премии за осигурување, во вид на надоместок на дел од трошоците за осигурување, и тоа, во висина која нема да надминува 70% од трошокот за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од мал обем и 80% за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од голем обем, но не повеќе од 3.000.000 денари, на годишно ниво.
– Финансиската поддршка за земјоделските задруги може да се однесува и за набавка на земјоделска механизација, согласно годишната програма за финансиска поддршка на руралниот развој, и истата може да се додели како помош чија висина не надминува 90% од вкупната вредност на набавката.
Во моментов активен е Проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“, финансиран од Европската Унија а право на учество имаат земјоделски задруги кои се регистрирани во надлежните регистри на земјоделски задруги во периодот од 30.6.2018 г. до крајниот рок на овој повик и кои се во согласност со останатите критериуми. Инструкциите и обрасците за аплицирање можат да се подигнат во просториите на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) на ул. Никола Парапунов бр. 41а, 1060 Скопје.
Инструкциите и обрасците за аплицирање се достапни и во електронска форма на следнава веб-страница www.zadrugi.mk.
Рокот за пристигнување на пријавите е 31.3.2020 г. до 16.00 часот.
Инаку, во ноември минатата година, финансиска поддршка од ЕУ во рамките на проектот ,,Поддршка за развој на земјоделските задруги’’ што го спроведе од CARE Германија и Македонската развојна фондација за претпријатија добија седум земјоделски задруги од Југоистокот и тоа четири нови и три постоечки задруги од Струмица, Валандово, Гевгелија и Богданци за сума од околу 450 илјади евра.
Напишете коментар