Секоја македонска земјоделска басна започнува прозаично, со изобилството на нашите сончеви денови, вкусните земјоделски производи и продукти, богатата почва и природните дарби.
Секоја македонска финансиска басна за бруто домашниот производ, без исклучок го вклучува процентот на земјоделието во БДП, чиј распон е од 7% од 10 %, проследен со осредни коментари за важноста на гранката, со придружен славопој за земјоделецот и доловување на сликата од предбуржоаска Франција за сталежот на кој се качени сите одозгора. Имено, процентот на учество на земјоделството за 2020 година е 8,6% од БДП .
Секоја аграрно-развојна басна, особено академската, обично започнува со соцреалистички реминисценции за продуктивноста и производството во СФРЈ (кое е неспорно) и завршува со полубајати и бајати насоки, идеи и стручни мислења кои се држат за термините како „претерана парцелизација“, потреба од консолидација и окрупнување, примена на соодветни технички мерки, модернизација и слични слаткоречиви аграрно – економски концепти, кои постојат само во теорија, а не и во пракса!
Текстот е претесен, секако, за да се бара одговор на прашањето ,,шчо напраифме и уште шчо требит да направиме за земјоделието“, но ќе посвети внимание на нешто што основно треба да направиме. Conditue sine qua non – Услов без кој се не може.
А тоа е да се (про)даде земјата на земјоделците!
Секоја пристојна модерна економска приказна како деловен ентитет содржи преглед на средства, капитал/капитализација, акција, бренд, вредност како основа за генерирање на профит .
Која е вредноста во аграрниот бизнис ?
Која е основата на капиталот и вредноста на билансите за земјоделските претпријатија?
Без разлика дали се поединци, семејни земјоделски стопанства или трговски друштва со претежна дејност земјоделие, земјоделското земјиште е единствена можност за структурна реформа и напредок во Аграрот! Насадот (и тоа само долгогодишниот) , механизацијата, помошните објекти, имаат многу ниска вредност и капитализација, висока амортизација, а со тоа и многу слаба позиција на пазарот за динамичен оперативен циклус .
Кај агробизнисот, земјата е основен капитал на кој може да се гради успешна земјоделска приказна. И поединечна и општествена. Почетен капитал, кредити, извори на рефинансирање, гаранција, хипотека – сите финансиски атрибути за да може да се следи и помага развојот на некој бизнис, произлегуваат од вредноста на основниот капитал.
А без тоа нема модерно земјоделство.
КОМПАРАТИВНИ ПРИМЕРИ
Хрватска деновиве го продолжи мораториумот за продажба на државно земјоделско земјиште на ЕУ граѓани за уште 3 години. Хрватска е држава со највисок процент за земјоделско земјиште во државна сопственост.
Ако се земе предвид принципот на Европската Унија за слободен проток и движење на капитал, стоки и услуги, повеќе од јасно е дека периодот кога треба да се изврши распределба на државна земја која е наменета за развој е токму сега, во деценијата што претстои. Одолговлекување на продажбата ќе придонесе да ја имаме истата дилема како Хрватска, дали нашите граѓани кои работат земјоделие ќе можат да бидат финансиски, технолошки и концептуално конкурентни на своите идни сограѓани од ЕУ ?
Хрватска е веќе во ЕУ, измина „грејс“ периодот од 7 години (кој патем го има и во нашиот предлог Закон со ист временски интервал) и сега се очекува решение кое нема да ги наруши принципите на ЕУ, но и ќе им овозможи на своите граѓани да можат со помала конкурентност да дојдат со земјоделско земјиште.
Исти 7-годишни периоди имаа Чешка, Словачка, Естонија, Летонија и Латвија (Полска 12 години), со тоа што тие претходно со реституција вратија огромен дел од национализираното земјоделско земјиште, некаде и до 90% од вкупното и создадоа основа за развој на земјоделието.
Словачка имаше успешна приватизација на земјоделското земјиште и во моментот само 4% од земјоделското земјиште е во посед на државата.
Примерот со Полска, близок до југословенскиот, односно словенечкиот модел кој ни е попознат нам, е различен. Тоа се должи на големиот процент на индивидуални мали фарми во периодот на комунизмот кои беа 76% од вкупното расположливо земјоделско земјиште, како и поради начинот на приватизација на државните фарми каде што вработените или трговските фирми имаа можност да станат сопственици. Но и поради самиот концепт на земјоделието. Таму, семејното земјоделско стопанство (family farming) е прогласен за фундаментален уставен принцип. Полска по 1989 година, поточно во 1991 година формира Агенција за трезорско водење на земјоделскиот имот (AKA), кое нема лимитираност на продажбата сѐ до 2003 година. По 2004 година постојат ограничувања до 500 ха, со докажување на дејноста, земјоделската едукација, начинот на управување на земјиштето и сл. До носењето на ограничувањата, од странските сопственици Германците имаат над 15.000 ха, Швеѓаните 5.900 ха Данците 3.900 ха итн.
Сепак, иако Полска не денационализираше земја со концепт како другите источноевропски држави, отпочна со приватизација на преостанатата земја.
Над 2.8 милиони хектари се поделени на 6.000 мали фарми од по 450 ха на поранешните вработени за државните фарми. Над 728.000 ха се продадени на земјоделци кои граничеле со цел окрупнување на земјиштето. Нивните мали семејни фарми од по 400 ха имаат вредност.
Како е кај нас и досегашна државната земјишна политика
Согласно достапните податоци, 577.662 ха се класифицирани како обработливо земјиште во земјава. Од ова околу 240.000 ха или 41% се во државна сопственост, а околу 120 00 или околу 20 % се необработени. Значи соодносот на приватно земјоделско земјиште и државно земјоделско земјиште е 60:40. И да се продадат 50.000 ха согласно предложената законска регулатива, соодносот би бил 70:30. Како што веќе напоменавме, Словачка има само 4% државно земјиште во сопственост, целото друго земјиште е ставено во пазарен приватен капитал.
Законот за продажба на земјоделско земјиште е донесен во 2013 година. Од донесувањето до денес, кога се менува постојниот со нов Закон со иста суштина, има вкупно 7 (со зборови: седум) измени и дополнувања од страна на законодавниот дом во обид да профункционира. Имало и нефункионални скоро бизарни измени, на пример цела процедура за измена на закон од владини одлуки преку собраниски комисии до пленарна седница, еден цел легислативен пат да се изоди за промена на еден член како на пример: платата на членовите на комисијата ќе е две просечни плати, а претходно била една и пол (Сл.весник 53/16 ) или зборот плати се заменува со надоместоци (Сл.весник бр 51/18 ). Како единствени измени во дополнување на закон, за комисија која сѐ уште нема извршено продажба за земјоделско државно земјиште е малку „ту мач“. Секако, најголемиот проблем за нефункционалноста на законот е поради неусогласеноста на законскиот текст со практичната можност за спроведување на оваа државна политика, а не во терминологијата на надоместокот.
Несоодветноста на одредени одредби кои го покриваат овој дел во голема мера е надминат со новиот текст на Законот за продажба на земјоделско земјиште, кој овозможува конечно да се отпочне со постапката за продажба. Оваа владина политика за отуѓување на земјоделско земјиште во прв ред на закупци, но и со одредби и опции и за нудење и продажба за ниви и парцели кои не се засадени, а врз основа на тригодишни програми, го доби вниманието кое оваа реформа го заслужува. Но на бранот на тоа внимание и дебата, се отвори контрапродуктивна дебата од типот: Распродажба на Македонската земја, багателни цени, не го продавајте националното богатство и слично .
Македонската земја не се распродава(ш)е кога се продава(ше) градежно земјиште по 1ЕУР за метар квадратен во најурбаните средини, кога се трансформираше општествениот капитал, кога се приватизираше земјата под објектите и живеалиштата, кога се денационализираше национализираната земја, но сега кога конечно дојде ред на земјоделецот да ја добие својата тапија и својот дел – тоа е распродажба.
Без воопшто да се направи стручна, споредбена, економска или било каква анализа, почна да се фрла анатема за распродажбата на „националното благо“. Земјата да остане во државна сопственост затоа што државата одлично (ќе) ја менаџира. Иако тој концепт пропадна заедно со берлинскиот зид.
Нивото на нашата земјоделска компетативност е заглавена таму каде што е заглавена и нашата сеопшта компетативност. Некаде во втората половина на минатиот век.
Пишува : Душко Гошевски
Правен застапник на ПОЗ ( прва органска задруга ) Валандово
