Ирската влада можеби ќе треба да го намали бројот на говеда во земјата за 200.000 крави во следните три години за да ги исполни климатските цели.
Во своите напори да го намали загадувањето со азот, Европската Унија минатиот месец го одобри холандски план од 1,6 милијарди долари за откупување на сточарите.
Дека тие не се изолиран случај, зборува предупредувањето на специјалниот пратеник за климата на САД, Џон Кери, кој неодамна предупреди дека производството на храна создава 33 отсто од штетните гасови во светот.
Милијардерот Бил Гејтс, исто така, е опседнат со штетните емисии на стадата говеда, обезбедувајќи финансиска поддршка за компаниите што развиваат додатоци за морски алги и гас-маски за крави.
Наспроти тоа, земјоделката и земјоделски адвокат Кејси Аткинсон за Cowboy State Daily изјави дека кога се зборува за емисиите на штетни гасови, не се обрнува внимание на позитивните ефекти на добитокот врз животната средина и климата.
-Размислуваме само во една насока, не земајќи ги предвид сите последици од тоа што ќе се случи ако го отстраниме добитокот од земјата – вели таа.
Додава дека добитокот придонесува за отпорност на суша, за здравјето на почвата и за намалување на пожарите.
Аткинсон истакнува дека секој осми човек во Америка има проблем со храната, односно дека не консумира доволно хранливи намирници.
Со исклучувањето на стадата, дополнително се влошува нивниот проблем со елиминирање на значителен извор на протеини во американската исхрана, истакнува таа.
Исто така, добитокот не е само извор на храна. Производите направени од животински нуспроизводи вклучуваат: детергенти за перење, отстранувачи на лак за нокти, сапуни, лосиони, фудбалски топки и фармацевтски производи.
-Би било многу тежок потфат да ги замените сите производи што ги добивате од нив – заклучува Аткинсон.
