
Независно дали се подигаат поголеми или помали овошни насади или пак се садат поединечни овошки, правилниот избор на времето, како и стручното изведување на садењето, во голема мера влијаат врз приемот на садниците, порастот и родноста на овошното растение.
Садниците од различните овошни видови може да се садат во текот на целиот период на мирување на вегетацијата, односно од опаѓање на листовите наесен сè до потерување на пупките во следната пролет. Во практиката се издвојуваат три периоди на садење на садниците: есенско, зимско и пролетно. Секој период на садење на садниците има свои предности и недостатоци.
Како се сади
При подигањето на овошните насади во нашите климатски услови, кои се претежно аридни, треба да се почитува правилото „летна подготовка на површината, а есенско садење на садниците”. За почитување на ова правило треба да се обезбедат два услова, и тоа:
Во текот на летните месеци да се изврши длабока подготовка на површината. При летното подготвување почвата се изложува на сончевата радијација, при што се врши извесна дезинфекција и уништување на штетните микроорганизми, доаѓа до оксидација и преведување во достапна форма на многу минерални материи, се сушат и уништуваат ризомните плевели. Доколку се планира подигање на насади рано наесен, површината треба да биде подготвена што е можно порано, најдоцна до крајот на септември, за подигнатата почва да слегне и да биде изложена на атмосферските влијанија најмалку 1-2 месеци.
Садниците во расадникот треба да бидат искорнати најдоцна до првата декада на ноември. Затоа во расадниците уште во текот на летото треба да се регулира агротехниката со која се овозможува навремено завршување на вегетацијата, созревање на ткивата и опаѓање на листовите од садниците.
Во практиката, во расадниците многу често се случува форсирање на порастот на садниците во септември и октомври при што се оддолжува вегетацијата или, пак, се корнат садници сосе листови и со незадрвенети ткива. Ова особено се случува кај форсираното едногодишно производство на садниците.
Во никој случај не смеат да се вадат и употребуваат садници сосе листови и несозреани ткива бидејќи листовите брзо ги дехидрираат извадените садници, тие се без доволно резервни материи, не се подготвени за зимско мирување и секогаш даваат послаб прираст во наредната вегетација.
При раното есенско садење на садниците, направените рани при скратувањето на коренчињата брзо калусираат, така што во текот на есенскиот и зимскиот период почвата се прилепува кон корењата, започнуваат да растат нови апсорпциони коренчиња и напролет садницата навреме започнува да вегетира, истовремено со другите овошки. При раното есенско садење најдобро е садниците да се посадат до крајот на ноември и првата половина на декември, односно пред појавата на силните зимски мразеви.
Во овој период вообичаено влажноста и структурата на почвата е најпогодна за садење на садниците. Ако нема доволно влага во почвата, садењето не треба да се одложува, туку задолжително треба да се изврши полевање на садниците при садењето или веднаш потоа.
Есенското садење на садниците особено треба да се применува за коскестите овошни видови: праска, кајсија, слива, бадем, цреша, вишна, чиј коренов систем е многу осетлив на подолги манипулации, трапење, претрапување, транспорт и сл. За овие видови најдобро е преземањето на садниот материјал од расадниците да се врши во моментот на вадењето, со што се презема свеж материјал кој веднаш оди на садење или трапење близу до новиот насад.
На што треба да се внимава
Раното есенско садење не треба да се врши по секоја цена. Во овој период не треба да се сади во врнежливо време бидејќи на многу влажна и каллива почва може да дојде до нарушување на структурата на почвата и влошување на условите за развој и функционирање на кореновиот систем. Ако има вакви услови, садењето треба да се одложи додека почвата не биде со поволна влажност.
Есенското садење на садниците, исто така, треба да се одбегнува во случаи кога насадите се подигаат на тешки и влажни почви. На вакви почви аерацијата е многу слаба и се јавува асфикција на кореновиот систем, лош прием и пораст, а често и пропаѓање на садниците.
Во вакви услови подобро е садниците да се садат напролет. Есенското садење треба да се избегнува и при подигање на насади од суптропски овошни култури. Садниците од овие овошни видови се поосетливи на ниски зимски температури и при есенското садење се подложни на измрзнување. Насади од овие култури во наши услови треба да се подигаат исклучително напролет кога веќе ќе нема опасност од појава на екстремно ниски температури.
Младите стебла од садници посадени во есенскиот период во текот на зимата може да бидат оштетени од глодари како што се зајаци, глувци, слепо куче и сл. Во вакви услови стеблото на садниците мора задолжително да се заштити од овие штетници.
Заштитата на стеблата може да се изврши на различни начини, но најчест и најевтин начин е со завиткување на стеблата со подебела хартија. Поскапа, но посигурна заштита на стеблата може да се изврши и со перфорирани цевки од полутврда пластика. Овие цевки се вкопуваат во почвата до корењата опфаќајќи го целото стебло и тука остануваат.
Напишете коментар