Раздвиженост во Струмичко, трактори со преполни приколки со пиперка ајварка брзаат кон откупните пунктови. На високите температури и понекое облаче денес земјоделците ја берат црвената пиперка- популарната куртовска капија произведена во пластеници и стакленици. Задоволни рекоа дека сега на почетокот цената е добра и се надеваат дека откупувачите и преработувачите ќе се придржуваат кон договорените откупни цени.
Во Муртино се откупува црвена пиперка произведена од пластеници. На еден од откупните пунктови кои ги посетивме Агро Стела цената е 50 денари за килограм за прва класа.
-„Задоволни сме од сегашниот квалитет на пиперката, во просек дневно откупуваме од 10 до 15 тони куртовска капија, засега откупените количини во целост завршуваат кај домашните преработувачи. Производството на отворено треба да стаса подоцна, кога почнува сезоната на подготовка на ајварот, се надевам дека ќе има доволно количини и добар род оваа година, вели Наце Kоцев, сопственик на откупниот пункт Агро Стела од Муртино.
Градинарите кои ги сретнавме на откупните пунктови ја поздравуваат одлуката на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, за однапред договорената откупна цена на ајварката, но малку се двоумат како ќе биде одредувањето на класите од страна на откупувачите.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски деновиве информираше дека е постигнат договор за откупни цени на црвената пиперка. Прва класа ќе се откупува по цена од 40 денари, прва/втора класа 30 денари, втора класа за 20 денари и трета класа по цена од 12 денари за килограм а откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат кон договорените цени додека трае откупот.
Овој период струмичките производители на црвена пиперка се обидуваат да го спасат родот од високите температури и постојано ги наводнуваат површините за подобар квалитет.
Очекувањата се и оваа година поголем дел од родот годинава да замине на странските пазари а помал дел да остане за домашните преработувачки капацитети.
Напишете коментар