Отворен ден на кој ќе бидат презентирани можностите за учество и соработка ќе се одржи в четврток во организација на ЕКСПО 2027 Белград, во соработка со Македонскиот павилјон – „Сите ритми на сонцето“ („All Rhythms of the Sun“).
Првиот воведен настан, посветен на претставувањето на проектот ЕКСПО 2027 Белград, на кој ќе бидат презентирани визијата на претстојната специјализирана изложба, можностите за соработка и вмрежување, како и перспективите што ЕКСПО ги нуди во повеќе области ќе се одржи во четврток во Јавна соба, во периодот од 12:00 до 15:00 часот.
Директорот на ЕКСПО 2027 Белград Данило Јериниќ ќе го отвори настанот со поздравно обраќање и претставување на промотивното видео.
Потоа следува сесијата „Како да учествувате на ЕКСПО 2027 преку програми“, на која ќе бидат претставени можностите во рамки на програмата за образовни институции, организации, спортски федерации и партнери. За програмата и содржината ќе говори Марина Пејовиќ, координаторка во тимот за програма и содржина, по што е предвидена сесија со прашања и одговори.
Следува сесијата „ЕКСПО 2027 како деловна платформа“, посветена на поврзувањето на глобалните економии и развивањето нови партнерства. Презентацијата ќе ја има Оливера Ковачевиќ, координаторка во тимот за програма и содржина, по што ќе следува сесија со прашања и одговори.
Во 13:30 часот ќе биде претставено промотивното видео за Македонија, видео на повеќе јазици со кое се промовира македонскиот винарски сектор.
Следува презентација за туристичкиот сектор, односно за излезниот туризам, проследена со вмрежување. На сесијата ќе учествуваат тимот на ЕКСПО, туристички институции и даватели на услуги за влезен туризам, македонски агенции за излезен туризам и други учесници.
Во пресрет на настанот претходно во 10:00 часот е предвидена неформална средба со претставници на ЕКСПО, на која медиумските претставници ќе имаат можност за директна средба, како и интервју со Данило Јериниќ, директор на ЕКСПО 2027 Белград.
По неформалната средба следува прес-конференција на која ќе се обратат директорот Јериниќ и Александар Велиновски, комесар на Македонскиот павилјон.
ЕКСПО 2027 Белград е специјализирана изложба која ќе ги поврзе земјите, институциите, организациите и деловниот сектор, со можности за воспоставување нови партнерства и соработка, како и за презентација на различни области, меѓу кои образованието, спортот, економијата и туризмот.
МИА
