Вториот робот за измолзување, набавен преку проектот на „Бимилк“ и УСАИД чија цел е модернизација и унапредување на млекопроизводството во Македонија, пристигна кај корисникот – фармата „Млекопромет” од Мусинци која ќе биде една од првите фарми во земјава што со инвестицијата од Битолска млекара ќе применува современа технологија во примарното млекопроизводство.
Од Бимилк соопштуваат дека целта на модернизацијата на малите и средните фарми и примената на новите технологии е зголемување на продуктивноста и приносот од кравите, на квалитетот на млекото и воопшто за унапредување на процесот на млекопроизводството.
-Роботот за измолзување крави е една од најголемите и највредни инвестиции за една фарма и тоа е она што Битолска млекара го прави за своите кооперанти, затоа што примарните млекопроизводители се столбот на млечната индустрија. Само на овој начин, со соработка и со примена на современи технологии, можеме да дојдеме до зголемување на примарното млекопроизводството и на продуктивноста на кравите, а со тоа и до зголемување на домашното производство. Светските искуства покажуваат дека оваа технологија има исклучително позитивно влијание врз продуктивноста на фармите. Ја користиме оваа прилика уште еднаш да ја истакнеме и финансиската и техничката поддршка на УСАИД со Проектот за развој на деловниот екосистем, во реализацијата на оваа инвестиција, соопштија од Млекара АД Битола.
Ова е втор робот за измолзување којшто е обезбеден од Битолска млекара со поддршка на УСАИД преку проектот за развој на деловниот екосистем, а наменет за поддршка на развојот и зголемување на потенцијалите на семејните фарми.
Пред „Млекопромет“, првата млекарница што доби робот за измолзување беше фармата „Пивко“.