Пивница во Минхен пронашла начин да го надмине недостигот на масло за јадење. На купувачите им дозволуваат да си го платат пивото со сончогледово масло и на тој начин ги обезбедуваат потребните залихи за пржење шницли и друга храна во нивниот ресторан, пишува Ројтерс.

Многу европски земји се соочуваат со помали залихи на масло за јадење поради војната во Украина, која заедно со Русија сочинува околу 80 отсто од светскиот извоз. Продавниците во Германија ги ограничуваат количините при купување во трговските центри.

„Дојдовме до идеја затоа што ни снема масло во кујната и затоа мораме да бидеме снаодливи“, вели менаџерот на пабот во сопственост на пиварницата Гизингер, Ерик Хофман, кој нагласува дека им се потребни 30 литри масло неделно, а на располагање имале само 15 литри, па морале да бараат друго решение.
Еден литар пиво чини околу 7 евра, а еднолитарско шише сончогледово масло чини околу 4,5 евра. Ова ја прави понудата привлечна за многу клиенти, кои сега можат да го добијат пивото поевтино, а пивниците имаат доволно масло за подготвување храна.

