Деветнаесет увезени случаи на вирусот Оропуче (ОРОВ), кој се шири на луѓето од заразени муви и комарци, се пријавени во земјите на Европската унија во јуни и јули, поточно 12 во Шпанија, пет во Италија и два во Германија.
Сите се поврзани со неодамнешните патувања во Куба и Бразил, се вели во соопштението на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), пренесува Политико.
ЕЦДЦ соопшти дека ризикот од инфекција за европските граѓани кои патуваат во епидемиските области во Америка е „оценет како умерен“, но дека патувањето е особено ризично за бремените жени.
Веројатноста за изложување на луѓе во Европа е сè уште многу мала, бидејќи мушичките и комарците кои го пренесуваат вирусот се отсутни од континентот и нема документирани случаи на пренесување на вирусот од човек на човек.
OROV исто така може да предизвика треска, главоболка, гадење, повраќање и болки во мускулите и зглобовите.
Слично на Зика, ОРОВ може да предизвика спонтан абортус, развојни проблеми и деформитети на фетусот кај бремени жени, соопшти ЕЦДЦ, истакнувајќи дека ова сè уште се истражува.
Бразилското Министерство за здравство во јули објави дека четири бебиња се родени со микроцефалија, односно глава помала од нормалната и дека нивните мајки биле заразени со вирусот.
Не постои вакцина или лек за спречување или лекување на вирусот ОРОВ.
Иако болеста ретко е фатална, Бразил неодамна ги пријави првите две смртни случаи во светот од вирусот, и двете жени на возраст од 20 години.
Од јануари, над 8.000 случаи се пријавени во Јужна Америка, Централна Америка и Карибите, а епидемии се пријавени во Бразил, Боливија, Колумбија, Перу и Куба.
Европа, исто така, известува за зголемени случаи на болести пренесени од комарци, како што е вирусот Западен Нил, со неодамнешни случаи пријавени во Грција и Романија.
Извор: Канал5
Напишете коментар