„Вкусот на традицијата” е насловен саемот за локални производи што ќе се одржи на 15 октомври во Кавадарци. Ова го соопштија вечерва организаторите, претставници на Комисијата за еднакви можности на Oпштина Кавадарци и Здружението за родова еднаквост „Визија”. Оттаму упатија јавен повик за учество на саемот.
– Саемот е посветен на промовирање на локалните производи и одбележување на Меѓународниот ден на руралните жени. Во негови рамки, ќе се најдат домашно изработени производи, ќе се споделат таленти и вештини, ќе се зголеми видливоста на домашното производство, што може да доведе до стекнување на нови клиенти, појаснија организаторите на настанот.
Нагласија дека се нуди бесплатен изложбен простор за презентација на производите и можност за нивна директна продажба, вмрежување со други производители и размена на искуства, презентација на традиционалното и рурално производство.
На саемот може да се промовираат зеленчук и овошје, млечни и месни производи, мед и пчелни производи, зачини и билки, други традиционални производи, да се презентираат ракотворби и занаети.
МИА
