Да се ужива во прекрасна природа, со поглед на лозови насади, да се јаде вкусна храна, подготвена по традиционални рецепти од македонската кујна и да се пие прекрасно вино, се чини како да е слика од рајот на земјата, а всушност е реалноста која се искусува во винаријата Вардарска Долина – Chateau Rizov во неготинското село Курија.
Сместена во срцето на Тиквешијата, најпознатиот вински регион во земјава, винаријата Вардарска Долина – Chateau Rizov е уникатно искуство за секој посетител, домашен или странски турист, кој сака да ја доживее винската приказна на Македонија. Земјата на сонцето раѓа извонредно грозје, кое мајсторите на винскиот занает овде го претвораат во висококвалитетно вино со специфичен и добро познат вкус.
Вардарска Долина – Chateau Rizov, која започнува како мал семеен бизнис, повеќе од две децении расте и ја промовира Македонија и македонското вино на повеќе пазари во регионот и Европа, но и во Канада и Јапонија. За развојот и плановите на Вардарска Долина – Chateau Rizov разговараме со Митко Јаначков, млад претпримач и продажен менаџер во винаријата.

Митко, раскажете ни ја приказната за Вардарска Долина – Chateau Rizov.
Винаријата Вардарска Долина е основана во 2000 година од Андон Ризов. Тој, по долгогодишната работа во странство, се враќа во татковината и својата љубов кон виното ја преточува во сопствено производство на вино и негова промоција во Европа и пошироко. Лоцирана во срцето на тиквешкото виногорје, на локацијата на која и денеска опстојува, во неготинското село Курија, нашата винарија има сопствени лозови насади. Заради поволните климатски услови, белите сорти на грозје се наоѓаат во непосредна близина за објектот на винаријата, односно во Курија, додека лозовите насади од кои го произведуваме нашето црвено вино, се наоѓаат на југот од нашата држава во селото Марвинци, валандовско, во близина на локалитетот Исар.
Иако целата приказна на Вардарска Долина – Chateau Rizov започнува како мал семеен бизнис, денеска ние сме многу поголемо семејство, во кое секој има сопствена улога и придонес. Но, она што е заедничко кај секого е љубовта кон виното, љубовта кон она што го создава природата и секако љубовта кон Македонија, со оглед на тоа што наша примарна цел е промоција на убавините и квалитетите на нашата прекрасна земја.
Целото интервју може да го прочитате на inovativnost.mk
