На само 10 километри од центарот на Скопје и пет минути возење од обиколницата, винарија Душа од Волково официјално започна да прима посетители. Посетите се организираат со претходна резервација, а просторот е достапен за помали групи до 12 луѓе и поголеми групи до 50 луѓе, вклучувајќи приватни прослави, тимски дружења и деловни средби.

Гостите можат да изберат меѓу неколку вински искуства кои опфаќаат водена тура, запознавање со процесот на производство и дегустација на четири вина: белото куве Ведрина, розето Зора, ароматичната Темјаника и новото црвено вино Допир, придружени со мезе даска или автентични македонски специјалитети. Едно од искуствата е посветено на македонските сорти Смедеревка, Темјаника, Станушина и Вранец, а покрај винаријата во Волково, Душа има и лозарско земјиште во Ресава (Тиквеш) со речиси 50-годишни лози Темјаника.
Зад винаријата, основана во 2023 година, стојат Небојша и Емилија Димиќ, македонски електроинженери со ИТ-кариери во САД и студии по енологија во Сиетл, кои во производството ги спојуваат современата технологија и почитта кон традицијата.

Винаријата е подигната на семејна земја што некогаш ја купил и засадил со лозје прадедото на сопственикот со пари заработени градејќи железнички пруги во Америка, а правнукот Небојша децении подоцна повторно ги откупил и обединил поделените парцели, каде што дел од старото лозје и денес раѓа во дворот.

