Бразилската компанија „Робоарго“ дизајнираше робот што им ја распоредува храната на свињите според упатствата дадени од страна на одгледувачот, а додека го прави тоа оваа машина , пушта и класична музика која, како што велат, ги опушта животните, пишува Ројтерс.
Од компанијата велат дека оваа година нивните нарачки пораснале во просек за околу 400%, а месечно од овие роботи продаваат дури 60.
Класичната музика го намалува стресот кај животните
Тоа е машина што користи линеарни хранилки кои им овозможуваат на свињите да добијат точно одредена количина храна што им е потребна за секој оброк. Исто така, додека го прави тоа, им пушта класична музика за која, оваа компанија тврди дека го ублажува стресот кај животните.
„Роботите го намалуваат присуството на луѓе на фарми и собираат податоци што помагаат да се подобри целокупното управување со стадото“, рече директорот на компанијата, Џовани Молин.

„Трошокот за храната за животните сочинува 75% од вкупните трошоците за нивно одгледување, а порастот на трошоците се должи на наглиот пораст на цените на житото и неговата голема побарувачка “, додаде тој.
Според него, земјоделците кои ја користат оваа технологија можат да ја подобрат стапката на конверзија на сточна храна, истовремено зголемувајќи го квалитетот на месото.
Овие роботи ги користат околу 500 фарми во Бразил, вклучувајќи ги и големите производители на свинско месо , кои во последните неколку месеци се борат со епидемијата Ковида-19 во своите погони, затоа што се заразени голем број работници.
Патем, оваа земја го зголеми обемот на извоз на свинско месо за 40% во првите 10 месеци од оваа година. Таа трговија оствари приход од 1,87 милијарди долари, што е скоро 50% зголемување, а тоа е резултат на големата побарувачка во Кина.
Пуштањето на класична музика при хранењето на животните се заснова на неколку студии, кои ја докажуваат ефективноста на овој вид стратегија во фазата на растење на свињите. Една од овие студии беше спроведена од страна на тим научници од Универзитетот во Сао Паоло (УСП) и покажа дека „сензорното збогатување на животната средина“ доведува до подобро однесување на животните, одржување на стапката на пораст и помала потрошувачка на храна.
Погледнете како изгледа роботот Робоагро во следното видео:
Извор: Агроклуб
