Многу пчелари имаат дилема – дали да ги прихрануваат пчелите или не и ако ги прихрануваат, кога и како треба да го направат тоа?
Искуствата се поделени, а мислењата се различни, така што вистинскиот одговор на овие прашања не може да се даде со сигурност и треба да се посвети одредено внимание на овој проблем.
Ако сè беше идеално, медот што го произведуваат пчелите во текот на годината треба да се остави за нивно презимување и развој во текот на пролетта. Но ако се занимаваме со пчеларство од економски причини, најголемиот дел од медот се вади, додека остатокот им се остава на пчелите. Затоа е важно пчеларот да им надомести на пчелите за делот што го зема за себе, со некоја соодветна замена.
Кај нас тоа најчесто се прави со шеќерен сируп. Неговата подготовка е многу едноставна – во 1 литар топла вода, се раствора 1 кг шеќер, се чека да се олади (иако може да биде млако) и се става во хранилката.

Од аспект на пчеларот, имајќи ја предвид цената на медот, прихранувањето е целосно оправдано. Од аспект на пчелите, не е. Истражувањата покажаа дека пчелите поминуваат многу време во обработка на шеќерениот сируп и дека пчелните семејства кои се хранат исклучиво со сируп во пролетта се развиваат доста слабо и имаат помал број зимски пчели, за разлика од пчелните семејства кои имале доволно мед од природата. Ова оди во прилог на тврдењето дека пчелите треба да се хранат исклучиво со мед добиен на пасиштата.
Ако сакаме некако да ги усогласиме овие два принципа, за да бидат задоволни и пчеларите и пчелите, се предлага во никој случај да не се вади целиот мед што го произвеле пчелите, туку да им се остави онолку колку што е потребно за нивно презимување. Овие количини се различни и зависат од начинот на пчеларство и од видот на кошницата. Минималната прифатлива количина за добро презимување на пчелите не треба да биде помала од 16 килограми.
На пролет, кога сакаме да го забрзаме развојот на пчелните семејства, треба да го примениме хранењето со шеќерен сируп. Оваа постапка ја поттикнува матицата поинтензивно да положува. Хранењето се препорачува и во случаите кога нема пасишта и кога доаѓа во прашање опстанокот на пчелните семејства.
Извор: agrotv.net
