Бен Џексон, фармер и одгледувач на овци во Нов Јужен Велс, кој не можел да оди на погребот на својата тетка во Бризбејн поради епидемиолошките мерки во Австралија, ѝ оддал почит на оригинален начин – со помош на своите овци, „нацртал“ срце.
Неговата тетка се борела со ракот две години.
„За жал, не преживеа“, изјавил Џексон за Гардијан, додавајќи дека поради затворањето на границите и короната, не можел да оди и да се збогува со неговата тетка.
„Ми беше многу тешко“, рекол тој, додавајќи дека дошол до идеја да направи срце додека ги хранел своите овци.
Бен вели дека првите неколку обиди да се направи срцето неславно пропаднале.
„Првиот пат изгледаше како емотикон за измет. Тетка ми Деб имаше добра смисла за хумор, но тоа не беше она што сакав да го пренесам”, рекол Џексон.
Кога овците направиле срце, тој снимил видео со дрон и го испратил на семејството во Бризбејн за да го објават проследено со песната „Мост над вознемирената вода“ на погребот на неговата тетка.
Минатото лето, Џексон почнал да прави уметнички дела со помош на овци „цртајќи“ ја формата што ја сака со храната, а овците потоа доаѓале да ја јадат.
„Ова е многу тешко време и познавајќи ја тетка Деб, таа би била горда тетка ако ова барем некому му ја врати насмевката на лицето“, рекол Џексон.
