Медот Манука е најскапиот мед во светот. Тоа е монофлорален мед кој се произведува на територијата на Нов Зеланд и Австралија од нектарот на Leptospermum scoparium, односно дрвото манука.
Мануката цвета само 6-12 дена во годината. Поради тоа манука медот е многу скап и баран низ целиот свет.
Медот манука покажал малку повисоки антибактериски својства од другите видови мед. Метилглиоксал е активна компонента на медот од манука. Меѓутоа, откако оваа компонента ќе се неутрализира, медот од манука ја задржува својата активност од непознати причини.

Професорот Питер Молан вели дека некои видови мед од манука имаат природно многу стабилна и силна антибактериска активност што не се наоѓа во другите видови мед.
Професорот Молан вели дека во сите видови мед има, на различни нивоа, водород пероксид, кој се произведува од ензимот што пчелите го додаваат во нектарот. Во медот манука постои непероксидна активност која потекнува од нектарот на цветовите на дрвото манука – таа е сосема различна од активноста на водород пероксид што се наоѓа, во различни нивоа, кај повеќето видови мед.
Во август 2013 година, британскиот неделник „Сандеј тајмс“ ги објави резултатите од истражувањето за количините на произведен и продаден мед Манука. Со споредување на статистичките податоци, заклучено е дека голем дел од манука медот е всушност фалсификат. Имено, утврдено е дека годишната потрошувачка на овој мед само во Британија е околу 1.800 тони (на светско ниво е 10.000 тони), додека Нов Зеланд, од каде што доаѓа овој мед, произведува само 1.700 тони годишно.
