Неодамна Преспанскиот регион повторно беше зафатен од невреме од град, кое предизвика штета на насадите со јаболка. На терен веднаш излезе локалната власт и градоначалникот Живко Гошаревски ги повика земјоделците да започнат да ги пријавуваат штетите.

На помош на земјоделците веднаш пристигна и првиот човек на министерството за земјоделство, Арјанит Хоџа, кој заедно со производителите се увери во направената штета од невремето.

- Во разговор со оштетените земјоделци, констатиравме дека штетата би била многу поголема без авионската интервенција против град, за која цел е извршено засејување на градоносните облаци со сребрен јодид. Но и во вакви случаи тука сме да помогнеме што треба. Општина Ресен, неодамна објави Јавен повик со кој ги повика земјоделците чии површини имаат претрпени штети да ги пријават – изјави Хоџа.

Во разговорот со овоштарите уште еднаш се потврди важноста на мерката авионско засејување на облаците, но се побара поголемо присуство на авиони во овој период кога се очекуваат нови врнежи од град.
Конструктивната дебата на министерот, директорот на УХМР како и на директорот на Аероклубот кој ја врши операцијата, со земјоделците, слушнете ја во видеото на Агротим. Министерот дециден во барањето да се почитува договореното и еден авион да биде постојано на располагање на земјоделците од Преспа.
