Мечка е забележана како се качила на тераса од куќа во тетовското село Отуње каде на маса имало оставено јадење. Како што пишува „Тетово инфо“ домаќините биле во внатрешниот дел од куќата, а вратата од терасата била затворена, па успеале да ја снимаат и фотографираат мечката.
Од објавеното видео може да се види дека мечката е качена на масата и јаде од чинија во која има храна. Кратко потоа, откако ќе ги забележи домаќините, таа бега.
Според објавата на медиумот, летово и во други тетовски села, како Сетоле и Једоарце, на камери за видонадзор биле забележани слични примери од посети на мечки кои во потрага по храна, се движат низ селото, уништуваат сандаци со пчели и слично.
Ова не е прв пример на присуство на мечки во селата во делот на Шар Планина. Минатата година имаше пријавено повеќе напади од мечки, а честопати тие можеа да се забележат и покрај патиштата.
Последен случај беше во јули годинава кога 41-годишна жена од тетовското село Синичане беше нападната од мечка додека се движела по шумски пат во атарот на селото.
