Центарот за управување со кризи алармира за опасност од паѓање на карпа тешка околу 20 тони, која се наоѓа на височина од околу сто метри, над кањонот Матка.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вели дека предупредувачко известување добиле од ЕВН Електрани од каде ја забележале карпата.

– Се работи за голема кинетичка енергија. Ако оваа карпа падне, голема е веројатноста со себе да повлече лавина од одрони. Оваа карпа се наоѓа во ваква позиција долго време, можеби десетици години, но од фотографиите добиени од ЕВН може да се забележи нејзина одредена нестабилност. Карпата се наоѓа блиску до сртот и врз правецот на нејзиното паѓање би влијаеле повеќе фактори. Веројатно нема да направи штета на самата брана, може да стои така уште 100 години, а може и сега да падне, но ние за да избегнеме трагедија испративме предупредување до повеќе институции, како МВР, ИЗИЗ, Градежен факултет, Геолошки завод, Државен инспекторат за животна средина, Дирекција за заштита и спасување, алпинистичка федерација. Посебно предупредување упативме до субјектот кој оперира со пловните објекти на Матка – рече Ангелов, при што потенцираше дека наскоро ќе биде физички заграден делот под карпата за да не може да се плови со чамци во нејзина близина.

Една од опциите да се отстрани карпата е нејзино контролирано уривање, но според Ангелов, мала е веројатноста таква акција да биде преземена.
„ЕВН вели дека падот на карпата не би го загрозил ѕидот на браната, иако падот би бил во непосредна близина на испустот на водата. Нема опасност дека карпата ќе падне наскоро, но не можеме да бидеме сигурни во тоа, со природата нема играње. Ќе им препорачаме на чамците кои пловат по кањонот да не поминуваат оттаму“, рече Ангелов, додавајќи дека засега не се размислува за контролирано уривање на карпата.
„Нема место за кревање паника, но ја известуваме компанијата со чамците местото да не го користат блиску до браната. Ризикот е многу мал, но сакаме да делуваме превентивно, да не се користи овој дел од ѕидот на браната“, истакна Ангелов.

Ангелов апелира сериозно да се сфатат предупредувањата за одрони, не само на Матка, туку на сите патни правци во државава.
https://www.facebook.com/watch/live/?ref=watch_permalink&v=663050834732251
