Сите би сакале нашите цвеќиња во затворено да изгледаат секогаш свежо и здраво. Веднаш штом ќе се појават мушички или суви лисја на растението, веднаш ставаме разни средства за да го излекуваме. И покрај употребата на скапи ѓубрива и минерали, растенијата сè уште изгледаат како да се болни. Честата употреба на вештачка исхрана врз растенијата може негативно да влијае на нивниот раст и развој и затоа им треба промена во начинот на грижа и прихрана.
Ако растенијата се наоѓаат во несоодветни услови, тие тоа ни го покажуваат со изменети лисја, забавен раст, неформација или сушење на цвето, заостанати корени. Ова се првите знаци дека растението ни испраќа знаци дека има потреба од наша помош. За да се избегне ова, растенијата се прихрануваат во одредено време. Тоа е решение што може да биде од природно или вештачко потекло и содржи голем број елементи што им се потребни на растенијата. Состојките кои имаат позитивен ефект врз растенијата и околината, кои се од природно потекло, лесно се прават и се достапни за секого.
Како влијае додатокот на квасец
Хранењето растенија со квасец позитивно влијае на нивната убавина. Квасецот содржи бактерии, кои имаат поволно влијание врз растот и развојот на растението. Квасецот содржи фитохормони и ауксини (растителни хормони за раст и развој) и витамини од групата Б. Квасецот има моќ да нарасне, односно да ги раздели клетките и така тестото да расте. Истата состојба е и со растенијата. Квасецот го стимулира развојот на клетките и растот на растенијата.
Резултат од прихраната
Хормоните содржани во квасецот делуваат на голем број микроорганизми во почвата и ја стимулираат нивната работа, а витаминот Б влијае на лисјата да бидат побујни, да станат позелени и краевите да не се исушат. Целото растение е повитално и посилно. За да се постигне ова, се прихранува два до три пати месечно. Се препорачува секоја недела во летните месеци, и двапати месечно во текот на зимата. Важно е временскиот интервал помеѓу двете прихранувања да биде ист, затоа што тогаш растенијата се навикнуваат и можат сами да утврдат кога и колку можат да консумираат хранливи материи до другата прихрана.
Подготовка на растворот
За да го направите овој додаток, потребно ви е едно мало пакување од 50 гр квасец, 5 лажички шеќер и 5 литри млака вода. (1 лажичка шеќер и 1 литар вода одат за 10 грама квасец). Измешајте го сето тоа и оставете го да отстои два до три часа. Потоа повторно промешајте и растворот е подготвен за наводнување. Се препорачува да се направат онолку литри колку што е потребно за наводнување. Оставањето на додатокот за подоцна го поттикнува развојот на штетни организми. Со овој раствор можат да се прихрануваат и градинарски цвеќиња.
Извор: agromedia.rs