Живот во природа, кокошки во дворот, кози во фарматa, домашни млечни производи, слатко, оригинални сапуни…сета оваа убавина е реализиран сон на едни вљубеници во руралното живеење. Нивниот живот, необичен за некого, е инспирација и предизвик кој сакаме да ви го пренесеме и можеби да ве мотивираме.
А како до нив?
Откако ќе се помине скопското село Горна Матка, кривулестиот пат води до портите на „Матка фарм“. Таму нè пречекаа љубезните домаќини Јасмин и Уран. Прво што направивме беше прошетка низ нивната семејна фарма, а потоа се расприкажавме на тема рурално.
Уран има потекло од Матка, а Јасмин по долги години живот во Кина и Тунис решила сепак да се врати и да живее во Македонија. Разговаравме со нив за тоа како одлучиле да направат драстична промена во животот и во животните навики и да ја создадат „Матка фарм“.

„Студирав на Ликовната академија во Тунис, а потоа неколку години живеев во Кина, но кога дојдов на еден месец во Македонија, го запознав Уран и се вљубив во Матка, и одлучивме заедно да си го оствариме сонот. Коцките се склопија како што требаше и почнавме да си го градиме нашиот мал рај.“, ни открива Јасмин.

Уран и Јасмин со љубов и големо внимание се грижат за своите животни.
„Имаме кози, неколку видови кокошки, препелици и мисирки“, ни раскажува Уран, кој е задолжен за молзење на козите и се грижи животните на фармата секогаш да бидат нахранети на време.

Јасмин, освен со подготовка на козјото сирење, кисело млеко и сурутка, прави и козметички производи во чија основа е всаден мирисот на недопрената природа што ги опкружува.

„На фармата одгледуваме кози, кокошки и препелици и со самото тоа имаме јајца, козјо млеко од кое правиме сирење, кисело млеко, јогурт, сурутка и сапуни со козјо млеко. Периодично правиме маринирани јајца од препелици и постојано размислуваме за нови производи“, ни раскажува нашата соговорничка Јасмин.

Нивните производи се сто отсто природни, можат да се купат преку нивната фејсбук-страница, а семејството обезбедува и брза и бесплатна достава.

Како што ни рекоа, засега не планираат да ја прошируваат фармата но имаат идеја за отворање етно куќа или ресторан, каде што гостите ќе можат да уживаат во нивните производи.

„Ние сме регистрирани како одгледувалиште и користиме само субвенции по грло, за кои сме обврзани со редовна посета на ветеринар за проверка на здравствената состојба на козите и живината и нивна вакцинација. Секако, размислуваме за проширување во рамките на нашите можности, па отворање на ресторанче или преноќувалиште останува како план за понатаму.“

Ги прашавме што ќе им порачаат на сите оние кои сакаат да започнат авантура слична како нивната.

„Сите оние кои имаат љубов кон животните и природата дефинитивно ги поттикнуваме да си го следат сонот“, едногласни се Јасмин и Уран.
