„Не ме плаши корона, туку лоши луѓе“, ова беше реченицата, која хероината од документарецот „Медена земја“, Атиџе Муратова ја кажа неодамна за mms.mk, а се однесуваше на оние, кои и ги украдоа пчелите. Оваа порака од Атиџе сите не растажи, но како таа навистина се чувствува и колку ја боли душата за пчелите, вистински разбраа само пчеларите. По објавувањето на приказната во нашата редакција се јавија од три пчеларски друштва од Штип, кои сакаа да и донираат пчели на Атиџе, за да и ја надоместат штетата и да и ја вратат насмевката.

Човек секогаш се чувствува среќен кога помага некому, ама да и се помогне на Атиџе, која целиот живот со чиста душа го распосла пред јавноста, среќата беше преголема и кај пчеларите и кај нас, што пораката допрела до добри луѓе. Кога Атиџе слушна дека некој сака да и подари пчели се расплака од радост. Македонски медиа сервис го организираше превозот, бидејќи мораше да се оди со џипови. Освен пешки, со други возила до таму не може ни да се стаса. Заедно со пчеларите од трите друштва од Штип „Пчеларство Би-мед“, на Игор Костов, потоа „Пчеларство Лонгурови“ на Аксенче Лонгуров и „Пчеларство Миловски“, кои носеа шест семејства пчели, неодамна тргнавме да ја израдуваме Атиџе.

Атиџе не чекаше во Дорфулија, пресреќна и возбудена, и откако ни ја покажа нејзината куќа, која се уште се реновира, заедно тргнавме за Бекирлија, каде ги чува пчелите и каде е снимен документарниот филм „Медена земја“. Патот е долг и многу лош, Атиџе пешачи по повеќе од три часа, а со возило се стасува за околу час и половина.
-Кога ја земавме куќата во Дорфулуја застанав пред неа ја гледав и плачев. Си викам, леле како сето ова ќе постасаме да го направиме. Но, ете полека, полека се средуваат работите. Среќна сум што имам соседи, со првата сосетка најмногу си живеам. И таа и јас си имаме блиски роднини, но на човек ако нешто му се случи соседот е прв кој ќе му помогне. Така со неа си се почитуваме, се дружиме, си пиеме кафе, ни раскажуваше Атиџе додека се возевме по пат.
Атиџе не само што беше водич за патот, туку и ни раскажуваше за убави и лоши работи во нејзиниот живот. За животот во Бекирлија, за семејството, за младоста.

-Тежок живот сум имала, сум поминала низ многу искушенија, ама секогаш сум се трудела да бидам весела. Имало моменти кога ми било многу тешко, кога сум плачела и сум се прашувала до кога ќе се мачам. И секогаш кога се молев на Бога велев: „Боже, дај им на сите добрина и среќа, па најпосле и на мене“. И пред сето ова да се случи сонував многу. Секогаш ми се појавуваше еден човек во сон и ми велеше: „ Не се секирај, идат убави денови за тебе“. И јас навистина верувам во сонови, тие ми претскажуваат, раскажува таа додека по патот поради дупките потскокнуваме во возилото.

Ни раскажуваше и за околните села. Колку часа се оди пешки до Градско, колку до Велес, колку до Штип. Ни раскажуваше за жетвата, за времето кога тука се раѓал убав бостан, како додека одела пешки многу пати на патот и се појавувале змии и смок и како се спасила од нив. И додека се возиме и ја разгледуваме околината мислите ми одлетаа на сите оние кои кога „Медена земја“ ги редеше успесите раскажувајќи го нејзиниот живот велеа: „Атиџе ли ќе не претставува, тоа не е Македонија“. За жал тоа е Македонија. Во Скопје се живее 21 век, но на малку повеќе од 100 километри подалеку, во Бекирлија се уште не е завршен 19 век. Овче Поле со плодна почва, а со напуштени села, без струја, без основни услови за живот. На толку мал простор во државава има јаз од векови, не години.

-Го гледаш оној рид. Како дете дури до тој рид сум доаѓала за да го пречекам татко ми од работа. Мајка ми ќе ми кажеше кога доаѓа и јас трчав. Многу го сакав татко ми, беше многу добар човек, вели Атиџе, присетувајки се на детството кога со родителите и троицата браќа живееле заедно во Бекирлија.
Патот трае, не може да се побрза. Нема високи планини за искачување ама земјата е леплива и поради врнежливото време мораше да се внимава, бидејќи е полн со длабоки бразди и дупки. Секој разговор со неа води до Холивуд. Раскажуваше кога Сара Џесика Паркер дошла да се поздрави со неа и и рекла: „Браво, ти си подобра актерка од мене“. Ни раскажа и кога се вратила од Америка сите жени ја прашувале навистина ли Бред Пит е толку убав.
-Ама јас од кај знаев кој застанал до мене да се слика, не ги познавав. Жени бе, сите за него ме прашуваат, се смее таа и додека се шегувавме на сметка на мажите, таа викна:
„Ене, она таму е Бекирлија“.

Некогаш ова било убаво село со густи куќи, од кои сега се останати само урнатини и жбунови. Убава туристичка атракција, само треба да се поправи патот.
-Убаво беше некогаш овде, селото имаше 30 чешми и рекичка ама сега остана само една чешма и реката преку лето пресушува. Блиску е Брегалница, на 20 минути одење, како деца сме се бањале таму. Имаше луѓе, се чуваше стока ама сите се иселија. Нема никој. Само јас и брат ми и доаѓаат луѓе одвреме навреме кои исто така тука чуваат пчели. Мене дедо ми ми ја пренесе љубовта кон пчелите. Тој многу ги чуваше и ме учеше. Јас кога почнав да чувам пчели еднаш ме испокасаа и си реков веќе не сакам. Ама мајка ми ме натера повторно да им се посветам, а мораше и да се јаде нешто. И не сакав да го разочарам дедо ми. Им се вратив на пчелите и до ден денес не можам да се откажам од нив, ги сакам толку многу. Тие ми се како семејство, додаде таа.

И навистина, за новите семејства пчели направила место на темелите од старата куќа. Почна пчеларската дружба и подароците. Беше навистина интересно да се слуша разговорот меѓу пчеларите и Атиџе за тоа како живеат пчелите и како го почитуваат законот на природата.
-Јас оваа година ништо нема да земам од нив, се за нив нека биде за да имаат зимата што да јадат. Дури догодина ќе соберам мед, ако има и за мене, беше децидна Атиџе, носејки ги трмките по патчето.

Атиџе го облече пчеларското одело и чадалка, на кои толку многу им се израдува, а го доби како подарок од пчеларите. Почна преселбата. Едното семејство, па другото, третото … и на крај шестото. Кога внимателно се преселија сите семејства на пчели, мораше да се почека за да се види дали пчелите новото место ќе го прифатат за свој дом или, не дај Боже, ќе побегнат. За тоа време се водеа пчеларски муабети и совети. Пчеларите и ветија- за се што и треба помош понатаму да им се обрати и дека ќе и дадат уште пчели. Секако, пчелите не побегнаа. Па и тие знаат колку добра душа има Атиџе и колку ги сака.

„Јас секое утро кога станувам прво одам кај пчелите и разговарам со нив. Им велам- абе каде сте вие, се разбудивте ли, вредни ли сте уште од рано наутро. Така ќе си зборувам и со овие“, рече Атиџе не можејки да најде зборови да ја искаже радоста, што новите пчели ја прифатиле за газдарица.

Пред да си тргнеме Атиџе ни ја покажа куќичката каде живеела со мајка и, каде се снимала „Медена земја“, но и ни раскажуваше какви анегдоти им се случувале. Не однесе и да го видиме ројот во карпите. Се протнувавме меѓу грмушки и трње, ги искинавме маците, но ќефот беше голем да ги видиме дивите пчели. На крајот во знак на благодарност Атиџе на пчеларите им запеа песна.. На испраќање ни рече:

-Куќата за добри луѓе секогаш е отворена. Идната зима кога ќе се средам комплетно ќе си го земам брат ми, кравата и кучето и сите ќе се преселиме да живееме во Дурфулија. Во Бекирлија ќе одам само за да се грижам за пчелите. Нив не ги оставам, па јас си ги сакам како мое семејство, ни рече Атиџе

Таа отсега е дел од семејството на пчеларите.
-Убаво е чувството кога некого ќе направиш среќен. Прекрасна е, отсега натаму постојано ќе и помагаме, рекоа пчеларите.
Но, приказната не завршува тука. Има уште многу од разговорот со Атиџе, со преселбата на пчелите и песната за крај.. Сето тоа може да се види во видеото, бидејки добрината на Атиџе не може да се раскаже со зборови.
Кои се трите пчелни друштва од Штип што и подарија пчели на Атиџе

Игор Костов, Аксенче Лонгуров и екипата на ммс.мк заедно ја изведоа мисијата „Среќа за Атиџе“. Трите друштва од Штип „Пчеларство Би-мед“ на Игор Костов, потоа „Пчеларство Лонгурови“ на Аксенче Лонгуриов и „ПчеларствоМиловски“ на Атиџе и подарија шест семејства пчели. Тоа се тројцата најголеми производители на мед и пчелни производи од Штип. Освен ова Атиџе доби подрок и одело за заштита од пчели и чадалка, од пчелкарското друштво „Хани про “ од Куманово.

-Јас сум администратор на страната пчеларскиогласи.мк и кога прочитав на mms.mk дека на Атиџе и ги украле пчелите дојдов до идеја да се слушнам со колегите за да и подариме по некој рој. Секако без размилсување се сложивме троицата производители. Атиџе е прекрасна и, како што слушна во разговорот, навистина ќе и помагаме за се понатаму.

Таа на традиционален начин го негува пчеларството, па така и ќе продолжи. Атиџе има познавање, чувањето во трмки или кошари е нејзин начин на пчеларење и продолжува да си го негува тој стил, традиционално. Затоа и донесовме само пакети роеви, бидејки таа така сакаше да си пчелари во традиционални кошари. А ние три пчелни друштва пчелариме со повеќе од 1.300 пчелни семејства. Ние пчеларите и ја разбираме маката, и затоа навистина сме многу среќни што и се најдовме, рекоа Костов и Лонгуров.
Извор: mms.mk,