Кога ќе се спомене земјоделско производство кај нас, најчесто тоа асоцира на поплаките на земјоделците околу цена, пласман, штети од невреме…ретко кога земјоделците знаат да се пофалат или да ја кажат реалната состојба околу земјоделското производство. Но како и секој друг бизнис, ако се работи сериозно, според бизнис план, кога се инвестира во новитети и нова модерна механизација, се прилагодува на условите, земјоделското производство е исплатлив бизнис.
Таков е случајот со Дипломираниот земјоделски инжинер Иле Богданов, сопственик на Земјоделска задруга „Илинден“ од селото Радање, кој обработува 180 хектари земја, дел под житарици, дел лозови насади.
-Не знам што е за другите убавина и уживање, но погледот по засеаните ниви и непрегледните редови лозје е она што мене ми ја полни душата – вели Богданов и додава дека ги поминал сите скалила во животот, бил и невработен, но од 2004-та решил дека е време да почне да пишува нова приказна.
Приказната за Богданов ни ја пренесува Виолета Кожинкова
Првите лозови насади ги подигнал во 2010-та, од нив шест ха се под „Вранец“, а по два се засадени со десертните сорти „Мишел палиер“ и „Викторија“. Последните десет хектари се подигнати пред три години со сортите „Вранец“ и „Смедеревка“. Немаат проблеми со пласаманот бидејќи целосно го предаваат во винарската визба ИМАКО од Штип со која имаат долгогодишна соработка. Но недостигот од берачи, доцнењето со бербата го мотивирала да размислува за машинска берба на грозјето. Поради тоа последните лозови насади наместо со бетонски се подигнати со метални столбови.
-„ Гледаме што се случува во земјите од соседството, но и во Италија и Франција, затоа во перспектива ќе одиме со машинска берба и од тие причини ги ставивме овие метални столбови. Инаку нема многу голема разлика во цената во однос на бетонскиот и металниот столб. Проблемот е што со машинска берба околу бетонските столбови останува многу грозје кое треба да се бере, што значи да ангажираме дополнителна работна рака, додека кај металните столбови не останува ни зрно“, раскажува Богданов
Атарот на Радање не е под систем за наводнување, но бидејќи лозјето бара вода, Богданов нашол чаре така што се приклучил на Хидросистемот „Злетовица“ и направал систем капка по капка.
-„ Се приклучивме на системот Злетовица, тогаш беше прв дојден прв услужен, плативме приклучок на шахта и сами си направивме цевковод од околу три и пол километери од шахтата до лозовиот насад. Ја донесовме водата до тука, имаме водомер и ја плаќаме водата годишно, колку потрошиме толку“, вели Богданов
Ако сака принос и квалитет тогаш земјоделецот мора да знае што му недстига на растението. За Богданов клучна е анализата на почвата, посебно кај лозјата. За дополнително да ја нахрани земјата и прачките што порано по кроењето ги фрлале сега иситнети остануваат меѓу редовите.
-„ На овој терен има проблем со шеќерноста на грозјето и затоа мора да имаме анализа на почвата за да знаеме со кои комбинации да одиме. Последниве години одиме со комбинација на МПК ѓубре во гранули со комбинација 8-20-30. На хектар фрламе по 300 килограми и достигнуваме над 23 шеќерни единици “, објаснува Богданов.
Вели дека како фирма не можат да тапкаат во место и планираат понатамошен развој. Клучно е модернизирањето на производството, а најдобар начин за тоа е и посетата на сите регионални саеми. Сега се вратиле од саемот во Солун, а наредна станица ќе им бидат оние во Пловдив и Нови Сад.
-„ Има многу новитети што може да се видат. За меѓуредова обработка во лозарството, па машини за селење на зелена маса, па самите прачки ги кршат мулчери, што не сме го знаеле досега. Во делот на житарицата сега има модерни сеалки каде со самата сеидба се врши и наѓубрување со прецизна регулација, а на саемите има и институти што нудат квалитетен семенски материјал, така што сметам дека секој треба да оди на саеми за да може стекнатото да го примени во своите фирми“, вели Богданов.
Богданов вели дека не мора да се чека секогаш на државата за да се промени нешто. Сепак од Миистерството за земјоделство очекува подршка околу одредување реална производствена цена на житариците. Тоа според него ќе значи повисоки плати во овој сектор, но и побрзо обновување на механизацијата. Задоволен е од измените на Законот со кој се овозможи полесно отварање на мали винарници. И неговата фирма тука ја гледа шансата за развој.
Напишете коментар