Компанијата Fresh Line за годинава најавува организирање на Договорно производство со земјоделските производители кои имаат поголеми површини со јапонско јаболко. За таа цел уште минатата година, во текот на откупот на ова овошје, направи планови и стратегија со која треба да се организира целиот процес од склучување на договорите, производство на квалитетен род, до самиот откуп.
Во овој процес значително ќе помогне стручниот совет од врвниот експерт од Шпанија, господин Паскал кој беше дојден во нашата земја за да се запознае со начинот на производство на јапонската јаболка од страна на овоштарите. Со своето долгогодишно искуство направи значителен придонес во подобрувањето на нашите постбербени активности. Неговите совети и препораки беа од непроценливо значење за поддршката на нашите земјоделци, со посебен фокус на унапредување на квалитетот и квантитетот на производите. Благодарение на неговата експертиза, направивме чекор напред кон постигнување повисоки стандарди и конкурентност на пазарот.

Тој е претседател на Асоцијацијата за јапонско јаболко во Шпанија, а исто така и самиот производител, а за состојбата кај нас и за перспективите за поголем развој на ова овошје вели дека е тука за да им помогне на земјоделските производители да добијат квалитетен и висок принос.
– Најнапред ја согледав состојбата со ова производство кај вас, затоа што сортите се различни, па се обидувам да помогнам со превземање на истите работи како во Шпанија. Но, морам и да се прилагодам, бидејќи времето не е исто, сортите не се исти, и исто така се обидуваме да ги научиме другите земјоделци како да произведуваат добар квалитет за извоз. Јас работам со јапонско јаболко веќе 25 години. Сега имаме добра продукција, но исто така се соочуваме со многу проблеми – штетници, фунгициди и други предизвици. Сигурен сум дека и овде ќе има различни проблеми, но мора да ги решиме сите за да добиеме добар квалитет за извоз. Во моментов, во Шпанија имаме добро производство, но трошоците постојано растат. Имаме добра продукција, добри цени, но трошиме многу пари. Тука видов дека треба да се променат некои работи во врска со кроењето (резидбата), примената на некои ѓубрива, зелената резидба, како и некои третмани за заштита и продолжување на сезоната. Шпанија произведува околу 12 000 тони јапонско јаболко. 90% од ова производство е во Валенсија, во радиус од 100 км околу градот. 95% од ова производство е сортата Rojo Brillante. Немаме други значајни сорти, освен една автохтона сорта која е поголема. Во мојата асоцијација имаме 45 приватни компании, но од другата страна има многу задруги со многу земјоделци.
Сезоната ја започнуваме на 22-ри септември и трае до јануари, а понекогаш и подолго. Користиме различни техники за да ја забрзаме или одложиме бербата. Исто така, користиме ладилници за дел од плодовите стигнат до пазарот дури и во февруари. Во основа, постојат два различни вида на бизнис со јапонското јаболко: задруги, каде што работат многу луѓе, и приватни компании. Мојата асоцијација е приватна, но и едните и другите работат со земјоделците. Мораме да работиме заедно, особено во однос на третманите, бидејќи имаме многу ограничувања за пестицидите – вели Паскал и додава дека без разлика дали се работи за задруга или приватна компанија, мора да имаат добро организиран пакерски центар, со правилна селекција на големината на плодовите, хигиена и висок квалитет.

– Ако имаме добар производ, можеме да платиме повеќе на земјоделците. Ова е причината зошто соработуваме. Не се бориме меѓу себе, туку си помагаме за да добиеме добра продукција. Имаме проект во Европа со луѓе од Грција. Тие одгледуваат киви, но не толку јапонско јаболко – повеќе праски и плоснати праски. Имаме заедничка маркетинг програма и, вообичаено, ако соработувате со друга земја, можете да добиете 80% од трошоците покриени, а вие плаќате само 20%. Тоа е добра можност за соработка – изјави Паскал.
Компанијата Fresh Line за овој вид на производство прави многу организирајќи договорно производство затоа што последните години, со затварањето на пазарите во Русија, се јави проблем со извозот на јапонското јаболко па ваквата иницијатива на компанијата е нешто што може да помогне да се надмине проблемот со пласманот на земјоделските производители на други пазари.

-Нашата компанија Fresh-Line соработува со супермаркети во Европа кои имаат строги барања за квалитетот на овошјето и зеленчукот. Од нив добиваме спецификации за тоа како треба да изгледа производот, од начинот на пакување до квалитетот, и ние ги доставуваме тие барања до земјоделците со надеж дека ќе ги исполнат. Ова е предизвик со кој често се соочуваме, па токму затоа ангажиравме експерт за јапонско јаболко со цел да им помогне на нашите земјоделци, укажувајќи им каде ги прават грешките за да се добие подобар квалитет на производот. Им помагаме во текот на производството, но и по бербата, каде што воведовме експерти и професори од нашиот Факултет за земјоделски науки и храна со цел да обезбедиме висококвалитетен производ – вели Маријана Кнежевиќ Лазаревски – инженер за квалитет и безбедност на храна.
-Со прекинувањето на пласманот на нашите производи од раното градинарство и овоштарство од Македонија кон руските пазари, едноставно немавме друга алтернатива и моравме да се преориентираме кон Европа, особено Северна и Западна Европа. Таму, како што веќе споменавме, бараат високо ниво на квалитет, но истовремено, бидејќи нашата стока претходно не била присутна на тие пазари, ние се обидуваме да најдеме простор во конкуренција со веќе добро оформени пазари кои добиваат голема поддршка од Европската унија. Тука пред сè се истакнуваат Шпанија и Италија како најголеми извори на суровина, а ние се обидуваме да го пласираме нашиот производ рамо до рамо со нив. Но, за да опстанеме таму, да продолжиме со пласманот и да го зголемиме нашето присуство, со цел сите потрошувачи на европските пазари да ги пробаат нашите производи, мораме да одржиме високо ниво на квалитет – вели Станиша Ивановиќ од Fresh Line

– Токму тука се јавува суштинскиот предизвик – како да обезбедиме квалитетно производство и истовремено квалитетни постбербени активности. Едноставно, залуден е добар производ без соодветни постбербени активности, исто како што е залудно да имаме добри постбербени активности ако самиот производ не е квалитетен. Затоа, овие две работи најпрво мора да се соединат, а потоа да се искористи науката за да се продолжи рокот на траење на производите по бербата, со што ќе можеме да имаме распоредено испорачување на стока кон странските пазари во времето кога има побарувачка, промоции, програми и конкретни потреби – а не само тогаш кога ние сакаме. Поради тоа, нашата компанија се труди да воспостави интензивна соработка со научни институции, факултети и експерти од странство за да научиме што е потребно да направиме со цел да го зголемиме нашето присуство на пазарот и истовремено да ја подобриме цената на нашите производи – потенцира Ивановиќ и додава дека на тој начин сите во синџирот ќе бидат задоволни – и производителите, и компаниите, а и ние како земја ќе се чувствуваме како стабилен и сигурен снабдувач на квалитетна стока.

-Шансата е пред нас, треба да знаеме како да ја искористиме. Мораме да почнеме да соработуваме сите заедно, затоа што прозорецот е отворен, но полека се затвора. Немаме време за бавен раст – едноставно мораме брзо да го фатиме моментот на развој. Ако другите напредуваат со поголема стапка, ние нема да можеме да го следиме нивното темпо. Затоа, мораме интензивно да работиме на тоа – да ги зголемиме стандардите и да го подигнеме квалитетот на нашата работа – дециден е Ивановиќ.
Проектот Договорно производство на јапонско јаболко во организација на компанијата Fresh line има поддршката од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.