Стопанската комора на Македонија во своето стогодишно работење има илјадници примери на успешни приказни на свои членки, кои успеале да го искористат потенцијалот на коморското вмрежување и да го подобрат квалитетот и квантитетот на своето работење, да ги зголемат производството и асортиманот, како и квалитетот на производите, а со тоа и да го зголемат својот профит.
Една деценија работно искуство во Германија (трагајќи по животната цел), е доволно за господинот Арбен Абдурахмани да ја осознае својата бизнис-ориентација, која храбро и одлучно почнува да ја гради пред 20 години во брендот на „ВЕЗЕ ШАРИ“. Искреноста, напорната работа од утро до мрак, без ориентација за време (за што и самиот вели никогаш не носи часовник на рака), со единствена цел – да се заврши работата што е планирана, господинот Абдурахмани денеска го рангира меѓу бизнисмените, исклучително признат не само дома, туку и во регионот, но и на меѓународен план за што потврда добива и преку одличната перцепција за неговиот успех помеѓу дипломатскиот кор во земјата.
Успешната приказна на „ВЕЗЕ ШАРИ“ започна во 2000 година, кога основачот и сопственикот Арбен Абдурахмани, по враќањето од Германија, создава семејна компанија за одгледување од еднодневни пилиња до кокошки несилки, во својот роден крај. Во 2002 година се донесени првите 30.000 пилиња и поттикнати од зголемената побарувачка на потрошувачите, до 2003 година се прошируваат капацитетите на 120.000 кокошки несилки, со што се постигнува производство на 30 милиони конзумни јајца годишно. Денес, фармата располага со две простории за раст на еднодневни пилиња со вкупен капацитет до 60.000 пилиња и четири простории со вкупен капацитет од 120.000 кокошки. Компанијата има широко распространета своја дистрибутивна мрежа и врши извоз на конзумни јајца во земјите од ЕУ и воените сили на НАТО.
Како резултат на работата и околностите кога првата генерација на кокошки требала да се замени со нови, се родила идејата за производство на производи од пилешко месо. Така, во 2005 година започна изградбата, а кон крајот на 2006 година започна со работа и „ЛЕКЕР“, според сите европски, НАССР (ISO 22000: 2005) и HALAL систем стандарди за производство на производи од месо со капацитет од 5 тони на ден.
Преку постојана примена на иновативни идеи и справување со отпадот, разменувајќи идеи и искуства со германскиот партнер, компанијата одлучува да инвестира во постројка за производство на биогас и електрична енергија „ЕЛЕКТРО ШАРИ“, во која отпадот не се третира како отпад, туку како обновлив извор на енергија. Kaпацитетот на објектот за производство на биогас и електрична енергија е 1 мегават на час и произведува 8.760.000 киловат часови годишно. Системот е надграден и со користење на топлиот издувен воздух за сушење на остатоците од преработеното ѓубре, кое се продава на европскиот пазар како ѓубриво за цвеќе.
Со цел да се прошират постојните капацитети и да се обезбеди суровина за производство на производи од месо во„ ЛЕКЕР“ и добиточна храна за живината во „ВЕЗЕ ШАРИ“, започна изградбата на земјоделско-сточарскиот комплекс „ГОЛД ЛАНД“ во село Славеј во Прилеп, на површина од 560 хектари, кој е предвиден да прерасне во регионален центар за собирање и складирање на зрнести земјоделски култури со што ќе се овозможи пласман на производството на земјоделците од регионот.
Исто така, во рамките на овој проект започната е изградбата на најсовремена фарма, која ги задоволува највисоките европски стандарди за одгледување и гоење на говеда, со годишно производство од 1080 грла во првата година, со која директно ќе придонесат за развојот на сточарството во нашата земја, за намалување на увозот на месо, како и намалување на невработеноста.
Компанијата има во моментот повеќе од 140 вработени, но планот на раст не запира тука, затоа што компанијата е постојано фокусирана кон модернизација и воведување нови технологии, инвестирање во подобрување на човечките ресурси, производните капацитети, технолошките процеси, имплементација на високите стандарди, основните материјали и дистрибутивната мрежа со спроведување на еколошки прифатливи технологии.
Арбен Абдурахмани, сопственик на Групацијата„ ВЕЗЕ ШАРИ“
„ Клучот на нашиот успех, покрај љубовта и желбата за работа, е и поддршката од Стопанската комора на Македонија, преку која ги дефинираме можностите за вмрежување со можните соработници, а истовремено и промовирање на нашиот бренд во и надвор од земјата, а со тоа и подигнување на нивото на конкурентност на домашните компании. Ние од приватниот сектор немаме многу можности за користење на средствата од ЕУ-фондовите, но преку Комората која вложува големи напори за едуцирање на компаниите тоа полека станува возможно. Тука подразбирам размена на информации за активностите на членките со цел да се поттикнат трговијата и инвестициите, спроведување на подобри практики меѓу компаниите, соработка, промоција, економски проекти, организација на стопански форуми и учество на саеми, како и на други настани од стопанството кои се од наш интерес.”
Напишете коментар