Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) на 06.06.2025 год. објави јавен повик бр. 04/2025 од Националната програма за рурален развој за мерка 121.8 „Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства – Набавка на трактори“.
Согласно Програмата прифатливи се само инвестиции за набавка на трактори, на овој јавен повик не може да се аплицира за приклучна механизација.
Крајниот рок за аплицирање е 07.07.2025 година.
Барањата со ист број на бодови ќе се рангираат според времето на поднесување на електронското барање („прв дојден, прв услужен“).
ИЗНОС НА ГРАНТ
Финансиската поддршка преку овој повик се доделува во вид на неповратни грантови до 600.000 денари кои покриваат 50% од прифатливите трошоци.
Процентот на кофинансирање се зголемува на:
- 55% за млади земјоделци (на возраст 18-40 години)
- 60% за земјоделци во подрачја со ограничени можности
- 65% за млади земјоделци во подрачја со ограничени можности
- 75% за земјоделци во недостапни рурални заедници
Исплатата на средствата се врши по целосна реализација на инвестицијата согласно условите и критериумите за финансиска поддршка.
КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА
Право на аплицирање имаат земјоделски стопанства регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) кој се води во МЗШВ.
Физички лица:
- Индивидуален земјоделец
регистриран согласно Закон за вршење на земјоделска дејност или Закон за пензиско и инвалидско осигурување - Носител на семејно земјоделско стопанство
кој се занимава со земјоделство како дополнителна дејност
Правни лица:
- Трговски друштва
регистрирани согласно Закон за трговски друштва - Трговец поединец
регистриран согласно Закон за трговски друштва
НАПОМЕНА: На овој јавен повик не можат да аплицираат баратели кои во претходните 10 години биле корисници на грант за набавка на трактори преку ИПАРД програмата и Националните програми.
Минимални производствени капацитети
На јавниот повик можат да аплицираат земјоделски стопанства кои имаат регистрирано производствени капацитети за растително производство:
- најмалку 2 ха за производство на различни земјоделски култури или една земјоделска култура, и/или
- најмалку 0,5 ха за зеленчук на отворено, и/или
- најмалку 0,5 ха за тутун, и/или
- најмалку 0,2 ха за овошје или грозје, и/или
- максимум до 50.000 литри за производствен капацитет на вино
Големината на производните капацитети се утврдува согласно запишаните производни капацитети во ЕРЗС.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
1. Барање за финансиска поддршка генерирано преку системот за електронско поднесување
2. Понуди/профактури со детална техничка спецификација
3. Деловен план – изготвен согласно упатството за изготвување на деловен план
4. Изјава за користење на финансиска поддршка за набавка на трактори за претходните 10 години од ИПАРД програмата и Програмите за финансиска поддршка на руралниот развој
5. Решение или тековна состојба за упис во ЕРЗС со пријавени производствени капацитети
За подготовка на деловен план и комплетна електронска апликација јавете се на
📞 071 285 385
📞 071 225 345
или испратете e-mail на [email protected]
НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ
Барањата за финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат на e-baranje.ipardpa.gov.mk
Креираното електронско барање се презема, печати и потпишува од страна на барателот и заедно со сите пропратни документи соодветно на типот на инвестиција се доставува до АФПЗРР во затворен плик на кој на горниот лев агол пишува „Барање за финансиска поддршка, Арх. Бр. на барањето (0425-11116-XXXX/1)“.
ПОСТАПКА ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ
Барателите кои ги исполниле условите за стекнување со право на користење на финансиска поддршка се рангираат со бодување согласно подолу прикажаната табела.
За да биде прифатлив за финансирање, барателот треба да добие најмалку 51 бод.
Показатели | Бодови |
---|---|
Доколку инвестицијата е наменета за обработка на површини за житни култури и индустриски култури од 10 ха и над 10 ха | 100 |
Доколку инвестицијата е наменета за обработка на површини за житни култури и индустриски култури помалку од 10 ха | 70 |
Доколку инвестицијата е наменета за обработка на површини за градинарски култури, овоштарници и лозја од 10 ха и над 10 ха | 50 |
Доколку инвестицијата е наменета за обработка на површини за градинарски култури, овоштарници и лозја помалку од 10 ха | 30 |
За подготовка на деловен план и комплетна електронска апликација јавете се на
📞 071 285 385
📞 071 225 345
или испратете e-mail на [email protected]