Улогата и значењето на жените во селата често се маргинализирани, иако домаќинствата опстануваат благодарение на нив. Како и во минатото, така и денес не им се посветува доволно внимание на домаќинките кои тешките домаќински и физички работи на терен ги вршат без паричен надоместок, без право на здравствено осигурување.
Фактите покажуваат дека поголем број мажи одлучуваат да останат на село и да се занимаваат со земјоделство, а жените доколку имаат можност се одлучуваат да одат на училиште за да најдат работа во урбаните средини, односно во терцијарниот сектор.

Сепак, оние жени кои решиле да останат на село и да се посветат на одржувањето на домот, воспитувањето на децата, земјоделството и сите други работи, имаат голема улога која секогаш не се цени или вреднува соодветно. Иако уделот на жените земјоделци е мал, последните трендови покажуваат дека оваа состојба се менува, а сè поголем број од нив се заинтересирани за соодветни програми и субвенции. Иако живееме во средина каде што мажот е „глава на семејството“ и каде што на постарите членови им е тешко да одлучат да го префрлат домаќинството на некој помлад, истражувањето заклучи дека ситуациите каде што постарите членови ги префрлаат фармите на помладите женски членови на семејството стануваат се почести.
Една од причините е што нашата земја има стимулативни програми во кои предност имаат жените носители на земјоделски фарми, а доколку се помлади од 40 години, има уште поголеми шанси да реализираат такви програми.

Освен тоа, сè повеќе жени на село се интересираат за разни видови стимулации, било да е тоа овоштарство, зеленчук, оранжериско производство, пчеларство, механизација, саден материјал и слично. Субвенциите секако треба да бидат една од мерките за задржување на луѓето на село, а потоа како уште еден инструмент кој ќе придонесе сѐ повеќе млади жени и мажи да решат да се занимаваат со земјоделство.
Мора да се посвети поголемо внимание на улогата на жената во руралните средини, што, меѓу другото, е главната причина за опстанокот на едно домаќинство кога се во прашање помладите генерации и оние кои подоцна ќе го наследат тоа домаќинство.
На жените треба да им се помогне и да им се укаже дека животот и работата на село не е само тешка земјоделска работа, дека има земјоделска економија каде што можат да си го најдат своето место за да си обезбедат социјална и економска сигурност, а да не стане збор за независност. Жените се голема енергија која ќе го зачува селото, традицијата, ќе го даде и означи животот на село, како и производството на здрава храна, која сѐ повеќе се бара. Жените се централна позиција во семејството, а особено кога се во прашање руралните средини и кога нема женска рака, нема опстанок, затоа и без нашите жени фармите би се затвориле и нема да има подмладување на селата а неопходно е да се поттикне женското претприемништво и да се подобри нивната позиција во руралните средини.

Податоците говорат дека реку проектот „Рурална жена“ во нашата држава се регистрирани близу 39.000 жени, а на владина седница е предложена и новата Програма за рурален развој, со која стопроцентно се зголемува финансиската поддршка од 3.000 на 6.000 евра. Во 2019 година, една година по потпишувањето на Декларацијата за подобар статус на руралните жени, веќе беше објавен повик за мерката „Рурална жена“ каде што беа одобрени 250 договори за грант од по 3.000 евра. Но, со силна ангажираност на Платежната агенција, наместо планираните 100, обезбедени беа средства за 250 жени со кои се потпишаа договори во вкупна вредност од близу 40 милиони денари.
