Договорот кој овозможува безбеден извоз на украински житарки од Црното Море беше обновен во саботата на најмалку 60 дена, што е половина од периодот планиран од ОН и Украина.
„Црноморската иницијатива за житарки, заедно со Меморандумот за промоција на руски прехранбени производи и ѓубрива на светските пазари, се клучни за глобалната безбедност на храната, особено за земјите во развој“, рече портпаролот на ОН Стефан Дујарик во изјавата.
Украинскиот министер за земјоделство Микола Солски изјави дека Украина испорачала речиси 500.000 тони пченица за програмите за помош на ОН. Во саботата тој инсистираше договорот за извоз преку Црното Море да биде продолжен за 120 дена, објаснувајќи дека на овој начин е можно да се продолжи да се помага на оние на кои им е потребно и да се „спаси светот од глад“, пишува Ројтерс.
Меѓутоа, Русија не попуштила, напротив најави дека дополнителното продолжување по средината на мај ќе зависи од отстранувањето на одредени западни санкции, кои не се однесуваат на храна и ѓубрива. Имено, Москва тврди дека ограничувањата на плаќањата, логистиката и осигурителната индустрија се пречки за испораките.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензиа, во петокот изјави дека Европската Унија, Соединетите Американски Држави и Велика Британија имаат рок од два месеца да изземат од нивните санкции цел синџир на операции што го следат земјоделскиот сектор во земјата, доколку сакаат да продолжат со Црноморскиот договор за житарки на Украина.
Тие бараат на Руската земјоделска банка да и се дозволи да се врати во банкарскиот систем SWIFT и да и се дозволи да ја снабдува Русија со земјоделски машини и резервни делови.
Небензиа, исто така, рече дека треба да се укинат ограничувањата за осигурување и пристап до пристаништата за нивните бродови и товар, да се рестартира гасоводот со кој се испорачува амонијак до украинското пристаниште на Црното Море и да се деблокираат сметките и финансиските активности на домашните компании за производство на ѓубрива.
ОН потврдуваат дека иако е постигнат напредок во олеснувањето на рускиот извоз на земјоделски производи, сепак има пречки, особено во однос на платежните системи.
Во исто време, договорот меѓу Украина и Европската Унија за либерализација на патниот транспорт е продолжен до 30 јуни 2024 година, јавуваат украинските медиуми, повикувајќи се на соопштението на министерот за инфраструктура на Украина, Олександр Кубраков, на Твитер.
🇺🇦Ukraine extended the Agreement on the carriage of by road road with 🇪🇺 for another year. In the first year of its operation, the volume of cargo transportation increased by more than 50%. To ⤴️ this indicator more, we're developing border infrastructure together with 🇪🇺 pic.twitter.com/cxsJb5SvjI
— Oleksandr Kubrakov (@OlKubrakov) March 16, 2023
„Во текот на првата година договорот ја докажа својата ефикасност. За време на неговата имплементација обемот на патниот транспорт се зголеми за повеќе од 50 проценти. За да биде уште поголем, заедно со ЕУ ја развиваме граничната инфраструктура“, напиша Кубраков.
Првиот таков договор беше потпишан во мај минатата година и тоа беше одлука без преседан. Потоа беа воведени суспензии на увозните давачки, квоти и мерки за трговска заштита поврзани со украинскиот извоз во ЕУ со цел да се поддржи економијата на земјата.