Прогностичките материјали УХМР ги превзема од Европскиот Центар за Среднорочна Прогноза на Времето (ECMWF) во Рединг, Виртуелниот Центар за Климатски Промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), како и останатите светски прогностички центри. Предвидувањата за климатските изгледи за лето 2020 се базираат на динамички модели, статистички модели и телеконекции на климатски карактеристики од поголеми размери. Моменталните анализи на движечките фактори (NAO, ENSO…) преточени преку голем број на глобални компјутерски модели за предвидувањa го покажуваат најверојатното климатско сценарио за ова лето.
Летото 2020 се очекува дека ќе биде потопло и посушно, со поголема веројатност за позитивни отстапувања на температурата од многугодишните просеци и врнежи малку под просечните вредности.
И покрај слабиот сигнал за предвидување за климатскиот изглед во наредните три месеци, најверојатно е дека ќе се јави поле на повисок притисок во северозападниот дел на Европа. Веројатноста дека температурата на површината на морето ќе продолжи да расте е многу голема, па се зголемува и веројатност за појава на посушно и потопло време во однос на просекот. Дека трендот на климатски промени продолжува и понатака, јасен сигнал дава позитивното отстапување на температурата што се предвидува за целиот континент на Европа. За територијата на Северна Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите на воздухот е предвидено дека може да достигнат до 3°C

Слика 1: Отстапување на сезонската
температура на воздухот (°C)
(SEEVCCC-лето 2020)
Несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Јасен сигнал нема ни за територијата на целиот југоисточен регион на Европа, а ни за Северна Македонија, каде моделите предвидуваат дека врнежите ќе бидат нешто под просечните вредности, поизразено во западниот дел (Слика 2).

Слика 2: Отстапување на сезонската
количина на врнежи (%)
(SEEVCCC-лето 2020)
Температурниот опсег на многугодишниот просек 1981-2010 за летото во Република Северна Македонија е од 16.0°C во планинските предели до 25.3°C измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23.9mm измерени на метеоролошката станица во Штип до 96,7mm во Маврово.
Многугодишниот просек (1981-2010) на температурата на воздухот во Скопје за јуни, јули и август изнесува 21.9°C, 24.2° и 23.9° C, соодветно.
Многугодишната (1981-2010) просечна количина на врнежи во Скопје за јуни, јули и август изнесува 44.0mm, 37.6 mm и 34.4mm, соодветно.
Сезонскиот изглед на времето е научен пристап кој овозможува информации за климатските карактеристики за неколку месеци или сезони однапред. Во престојната летна сезона секако постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. За дополнителни и навремени информации потребно е редовно следење на подеталните краткорочни прогнози, кои редовно и вонредно ги издава Управата за хидрометеоролошки работи.
Изработил: Александра Стевков, Сузана А. Моневска
Одобрил: Нина Алексовска
ДИРЕКТОР
м-р Ивица Тодоровски
