Изминатата седмица имавме променливо и нестабилно време, сончево и топло, со повремени поројни врнежи од дожд.
Житните култури во овој период имаат сосема доволно влага и се во добра сотојба да ја завршат вегетацијата. Есенската пченица во зависнот од локацијата каде е посеана, е во фаза на млечна зрелост, како и есенскиот јачмен кој е во понапредна фаза, а има и почеток на восочна зрелост. Започнува последната фаза од животниот циклус на житата – зрелост, каде овде се случуваат поголеми квалитативни промени, пред се, во зрното.
Овошките во овој период се во интензивен раст, се препорачува да се продолжи со нивна прихрана и третирање против болести и штетници. Кај виновата лоза може да се почне со отстранување на страничните ластари (филизи) во почетокот на нивниот раст. Се препорачува нивно отстранување над гроздовите.
Ова е и период на интензивно расадување на тутунот, и на градинарски култури на отворено. Поради поволните услови кои беа во претходниот месец, расадувањето на тутунот во некои региони е веќе започнат.
Времето денес е сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Од пладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и изолирана појава на град. Од утре под влијание на јужно воздушно струење ќе преовладува сончево и се потопло време. Температурата ќе биде во пораст, а претежно во јужните делови ќе има услови за појава на попладневна нестабилност со повремен пороен дожд проследен со грмежи, наместа процесите ќе бидат и во вид на изолирано невреме со пороен дожд, грмежи и услови за град.
За време на викендот и почетокот на следната недела во попладневните часови претежно во јужните делови, ќе има појава на повремен пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се движи во интервал од 9°C до 19°C а, максималната температура ќе се движи во интервал од 26 °C до 36 °C
Доколку временските услови дозволуваат земјоделските производители да продолжат со сите земјоделски активности и агротехнички мерки.
УХМР
